Нов земјотрес во Јапонија: Повеќе од 20 повредени, привремено запрен железничкиот сообраќај

Земјотрес со магнитуда од 5,7 степени ја погоди централна Јапонија рано утринава. Најмалку 20 лица се повредени, а брзите возови привремено ја намалија брзината или го прекинаа сообраќајот.

Земјотрес со магнитуда од 5,7 степени ја погоди централна Јапонија рано утринава, при што се повредени повеќе од 20 лица, соопштија локалните власти и Јапонската метеоролошка агенција (ЈМА). Земјотресот се случил во 1:04 часот по локално време, со епицентар во западниот дел на префектурата Шизуока, на длабочина од околу 40 километри. Најсилното тресење било регистрирано во градот Чита, во префектурата Аичи, каде што интензитетот достигнал петти степен на јапонската скала, која има вкупно седум степени.

Повредени во две префектури, нема опасност од цунами

Локалните служби за итни случаи и медиумите наведуваат дека најмалку 20 лица се повредени, повеќето со полесни повреди, во префектурите Аичи и Шизуока, пренесува „Кјодо њуз“. Пријавена е и помала материјална штета. По земјотресот не е издадено предупредување за опасност од цунами. Брзите возови привремено ја намалиле брзината или го прекинале сообраќајот.


Владата во Токио веднаш формирала кризен тим за собирање информации и следење на состојбата. Јапонската метеоролошка агенција ги повика граѓаните да останат внимателни во наредните денови поради можноста од дополнителни потреси.

е-Трн да боцка во твојот инбокс