Крајот на светот требало да дојде на 13 ноември. Звучи драматично и прилично итно, особено затоа што датумот е токму петок 13-ти. Но, постои една важна подробност: научната студија врз која се темели ова предвидување е стара 66 години и одамна не соодветствува на реалниот демографски развој.
Таканаречената „Студија за судниот ден“ (Doomsday Study) е веројатно најпознатото научно истражување што се обидело математички да го пресмета крајот на човештвото. Во 1960 година, истражувачи користеле математичка формула за да пресметаат кога човечката популација би достигнала неодржливи размери. Нивниот резултат бил петок, 13 ноември 2026 година.
Студијата, со провокативниот наслов „Суден ден: петок, 13 ноември, 2026 година“, ја напишал австриско-американскиот физичар Хајнц фон Ферстер заедно со својот истражувачки тим. Била објавена во престижното научно списание „Сајенс“ (Science).
Како научниците го пресметале крајот на човештвото?
Истражувачите ги анализирале историските податоци за бројот на жители на Земјата во претходните два милениума и врз нив примениле математичка крива на раст. Нивната проекција покажувала дека, доколку тогашната стапка на раст на населението продолжи непроменета, кривата ќе достигне бесконечна вредност во ноември 2026 година.
Со други зборови, според математичкиот модел, до овој петок бројот на луѓе на Земјата би требало да порасне до бесконечност. Логичниот заклучок на истражувачите бил дека човештвото, барем математички, би се „задушило“ од сопствената пренаселеност.
Студијата предизвикала големо внимание низ светот, што во голема мера било и нејзината цел. Изборот на петок 13-ти требало дополнително да ја привлече јавноста кон проблемот со пренаселеноста, за кој во тоа време интензивно се дебатирало.
До почетокот на деведесеттите години, математичката крива релативно добро се совпаѓала со реалните податоци. Но, потоа растот на светското население значително забавил, поради што денешните проекции предвидуваат стабилизирање на бројот на жители на околу 10 милијарди.
Зошто крајот на светот нема да се случи?
Светското население и понатаму расте, но сè побавно. Првично, бројот на луѓе се зголемувал забрзано затоа што се намалувала смртноста. Подоцна, семејствата низ светот почнале да имаат сè помалку деца. Најбрзиот годишен раст на населението бил забележан во 1963 година, кога надминал два процента. До 2020 година стапката паднала под еден процент.
Според процените на Обединетите нации, светското население би требало да го достигне врвот во средината на осумдесеттите години од овој век, со околу 10,3 милијарди жители. По тој период, бројот на луѓе постепено би почнал да се намалува. Токму промените во демографските трендови покажуваат зошто математичките проекции не можат секогаш да се третираат како сигурни предвидувања за иднината.
Петок 13-ти не е првиот датум за наводниот крај на светот
Човештвото и претходно било сведок на паника предизвикана од предвидувања за апокалипса.
Уште во 1910 година, поминувањето на Халеевата комета предизвикало голема загриженост. Весниците предупредувале дека нејзината опашка содржи отровни гасови што би можеле да го уништат целиот живот на Земјата. Некои трговци ја искористиле стравот на луѓето и продавале гас-маски, заштитни таблети, па дури и специјални „чадори против комета“. Кометата поминала, а ништо од најавеното не се случило.
Подоцна следувале и други датуми што наводно требало да го означат крајот на светот. Американски радио-проповедник го предвидел Судниот ден за 21 мај 2011 година. На 21 декември 2012 година завршил еден циклус од календарот на Маите, што многумина го протолкувале како најава за апокалипса.
Дури и научните предвидувања понекогаш се покажувале како погрешни. Во 1972 година, студијата „Границите на растот“ (Limits to Growth) предупредила дека човештвото наскоро ќе остане без важни природни суровини. Но, со текот на времето биле пронајдени нови извори и решенија, а цените на многу суровини дури и се намалиле.
Проблемот со ваквите предвидувања е што тие често ги проектираат минатите трендови во иднината, без да ги земат предвид промените во однесувањето на луѓето, технолошкиот развој и способноста на општествата да се приспособуваат на новите околности.
Истото важи и за 13 ноември 2026 година. Човештвото се развивало поинаку од она што било пресметано пред 66 години. Затоа, ако веќе сте помислиле дека утре конечно можете да му кажете на шефот сè што мислите, бидејќи светот наводно ќе заврши, можеби е подобро да размислите уште еднаш.
