Има нешто непријатно во тоа колку малку објаснување му треба на овој филм. Новинар добива компромитирачка снимка за политичар, се појавува човек задолжен да го купи неговото молчење, а понатаму секој обид да се излезе од приказната води подлабоко во неа. Ги препознаваме односите, начинот на кој се зборува, сигурноста со која некој располага со туѓ живот. Во Македонија за таква приказна одамна имаме предзнаење.
„Нема да ви се верува што се случи претходно“ на Срѓан Јаничијевиќ влегува во годините на „Скопје 2014“, прислушувањето и „бомбите“. Во деценијата во која научивме колку нешта можат да се слушнат, а колку малку да добијат разрешница. Филмот ги остава имињата надвор од кадарот. Препознавањето му го препушта на гледачот.
Сценариото го потпишуваат Дејан Дуковски, Сашо Кокаланов и Јаничијевиќ, а главните улоги ги носат Никола Ристановски, Дарја Ризова и Сара Сандева. Во неговите 110 минути се собираат уцени, пари, предавства и насилство. Доволно материјал за политички трилер. И доволно блиска меморија за гледањето да биде непријатно.

Снимката е само почеток
Бодан е искусен новинар што добива компромитирачко видео за корумпиран политичар. Шуте, човекот што ги средува проблемите на политичарот, се обидува да го купи неговото молчење. Бодан бара директна конфронтација. На патот ја среќава Ева, а приказната постепено се затвора околу нив.
Тука филмот влегува во добро познат простор. Приватните тајни на моќниците имаат политичка цена. Информацијата станува стока. Околу неа се движат луѓе чија работа е да проценат кој може да се купи, кој да се заплаши и колку далеку треба да се оди за нешто да остане скриено.
Шуте припаѓа на таа инфраструктура на власта. На луѓето што не мора да се појавуваат на говорница за да имаат моќ. Нивната работа почнува кога ќе се исклучат микрофоните.
Во таа поставеност е и најсилната политичка мисла на филмот. Гласините за приватниот живот на власта, притисоците врз новинарите и насилството се поставени во ист кадар. Филмот ги поврзува во систем што има свои извршители, своја цена и начин да ги отстранува пречките.
Минатото влегува во салата со нас
За македонскиот гледач, приказната за загрозен новинар неизбежно отвора и други асоцијации. Смртта на Никола Младенов и прашањата што останаа во јавноста се дел од меморијата со која се гледа овој филм. Тоа е и моето читање на приказната. Филмот остава доволно простор таа врска да се воспостави без да ја изговори.
Токму тука е неговиот најчувствителен терен. Гласините со години живееја покрај објавени разговори, официјални објаснувања и сомнежи во институциите. Во јавниот живот сето тоа често се слеваше во една приказна, во која луѓето веќе тешко разликуваа што знаат, што слушнале и во што веруваат.
Филмот ја користи таа состојба. Од неа ги црпи напнатоста и препознатливоста. Тоа му дава сила, но му поставува и високо барање: приказната треба да опстои и со сопствените ликови, со нивните одлуки и последици.
На места товарот на препознавањето е преголем. Гледачот ја довршува реченицата уште пред филмот да ја изговори. Ликовите понекогаш стануваат носители на она што веќе го мислиме за системот, а останува помалку простор да ги запознаеме надвор од таа улога.

Ризова го задржува вниманието, a Димески го води погледот
Никола Ристановски го носи Бодан сигурно, со актерско искуство што му дава тежина на ликот. Во таа изведба нема големи изненадувања. Дарја Ризова, пак, е актерката што најсилно го задржува моето внимание. Има леснотија во начинот на кој ја пренесува емоцијата пред камерата и присуство што останува и по завршувањето на сцената.
Во сценариото се препознава спојот на црниот хумор и бруталноста близок до ракописот на Дуковски. Жанровската рамка, меѓу филм на патот и политички трилер, им дава простор на средбите, уцените и пресвртите. Истовремено, густината на политичките значења понекогаш го притиска дијалогот. Се чувствува потребата преку ликовите да се каже уште нешто за времето.
Најголемиот технички адут е камерата на Дејан Димески. Има многу движење, а погледот останува сигурно воден. Камерата ја следи напнатоста, го одржува чувството на патување и му дава визуелна цврстина на филмот. Димески уште еднаш покажува колку значи кинематографер што знае каде треба да биде гледачот во секој момент.
Прашањата остануваат и по проекцијата
„Нема да ви се верува што се случи претходно“ отвора простор за една блиска, тешка и сè уште политички жива деценија. Неговата храброст е во изборот да влезе таму, со сите ризици што ги носи препознавањето.
Има места на кои би сакал повеќе простор за ликовите и поголема доверба дека гледачот сам ќе ги поврзе значењата. Но филмот успева да го врати чувството на време во кое информацијата можеше да те загрози, молчењето имаше цена, а одговорите постојано се одложуваа.
Она што ние го преживувавме, а во многу нешта сè уште го преживуваме, денес добива глобални размери. Бескрупулозни политичари, лишени од основна етика, ги користат моќта, парите и контролата врз информациите за да располагаат со туѓите права и животи. Затоа овој филм го гледаме и со непријатното чувство дека нашето минато има сè повеќе продолженија низ светот.
Со години тие приказни ги слушавме по кафеани, редакции и приватни разговори. Секој ја раскажуваше својата верзија, обично потивко кога ќе стигнеше до имињата.
Сега колективниот сомнеж е на големо платно. Конечно можеме да го гледаме заедно.
