Утрото кога се ослободувало Скопје

На 13 ноември 1944 година во Скопје паѓал слаб снег. Борбите веќе се воделе кај Старата железничка станица и во центарот.

„Слабиот снег што паѓаше тој 13 ноември само ни ја олеснуваше работата“, се сеќавал Трајко Стаматовски, учесник во борбите за ослободувањето на Скопје. Кога неговата единица стигнала во градот, борбите веќе биле во тек. Многумина од борците во Третата и Дванаесеттата бригада биле скопјани. Ги знаеле улиците по кои се движеле.

Кај Старата железничка станица се воделе најтешките борби

Дванаесеттата бригада се борела на десниот брег на Вардар, кај хотелот „Македонија“, Офицерскиот дом и Народната банка. Според Стаматовски, најтешко било кај Старата железничка станица. Кај женската гимназија, во близина на денешната Влада, се воделе борби по катовите и училниците.

Во градот дејствувале и групи од скопското движење на отпорот кои им помагале на бригадите. Кај Камениот мост, според сеќавањето на Стаматовски, борците го спречиле неговото минирање.

Кај Камениот мост биле стрелани деветмина скопјани

На 13 ноември 1944 година, додека германската војска се повлекувала, нејзини војници стрелале деветмина цивили покрај Вардар. Истиот ден, по борбите што се воделе на 12 и 13 ноември, единиците на Народноослободителната војска го ослободиле Скопје.


Денес, ако од плоштадот го преминете Камениот мост, веднаш до него, на кејот, ќе го најдете споменикот на деветтемина стрелани. На Денот на ослободувањето на Скопје, вреди да застанеме таму, да им ги прочитаме имињата и да се сетиме и на тие над 420 партизани и партизанки кои во тие студени ноемвриски денови за слободата дале онолку колку што имале, се дале себеси.

е-Трн да боцка во твојот инбокс