Германскиот автомобилски гигант Mercedes-Benz разгледува затворање на дел од своите фабрики во Германија и ги стопира сите нови вложувања во домашните погони, соопштија членови на Управниот одбор на компанијата. Причина за оваа одлука се високите оперативни и работни трошоци, како и падот на продажбата и добивката.
Членката на Управниот одбор на Mercedes-Benz, Брита Зегер, во интервју изјави дека компанијата е принудена конкретно и детално да процени кои локации во Германија може да ги задржи.
„Сите сакаме по секоја цена да го избегнеме затворањето на фабриките. За жал, сега мораме поконкретно да ја разгледаме и таа можност“, рече Зегер.
Таа наведе дека целта на управата е заеднички да осмисли пакет мерки со опипливи финансиски ефекти, кој истовремено ќе биде социјално прифатлив. Сепак, спогодбата со синдикатите и претставниците на вработените не е на повидок.
Директорот за производство во Mercedes-Benz, Михаел Шибе, потврди дека поради актуелната структура на трошоците не е исплатливо да се вложува во Германија. Раководството донело заедничка одлука за запирање на сите понатамошни инвестиции во домашните капацитети.
Шибе уште пред неколку недели најави дека две фабрики во Германија ќе бидат затворени доколку не се намалат трошоците. Разликите во производните трошоци меѓу Западна и Источна Европа директно ја оптоваруваат конкурентноста на компанијата.
Трошоците за работна сила во Германија во одредени случаи се пет пати повисоки во споредба со погоните во Источна Европа, а слични разлики постојат и кај административните издатоци. Во последните години Mercedes-Benz се соочува со континуиран пад на продажбата и со значително намалување на добивката.
Одлуките на Mercedes-Benz се дел од поширокото преструктурирање во германскиот автомобилски сектор, кој се обидува да ги прилагоди своите производствени капацитети на променетите пазарни услови. Високите цени на енергијата, скапиот труд и транзицијата кон електрични возила ги принудуваат големите производители да ги преиспитаат своите децениски производствени бази во Западна Европа.
Автомобилската индустрија традиционално претставува еден од главните столбови на германската економија и вработува стотици илјади луѓе. Секоја најава за редукција на капацитетите или преселување на производството во региони со пониски трошоци отвора директни преговори меѓу корпоративните управи и моќните индустриски синдикати во земјата.
