Парите во вториот столб пораснаа трипати за две децении, системот бара заштита од импровизации

Парите во вториот пензиски столб пораснаа трипати за 20 години. Пензиските друштва бараат одговорни реформи наместо прелевање пари во буџетот.

Со реален принос од 2,3 отсто и 1,25 милијарди евра заработка, пензиските друштва порачуваат дека математиката не трпи популизам и прелевање обврски.

Средствата на осигурениците во вториот пензиски столб забележаа трикратно номинално зголемување за изминатите 20 години, додека реалната куповна моќ на парите порасна за 58 отсто. Ова го соопштија претставниците на Асоцијацијата на друштвата за управување со пензиски фондови на денешната прес-конференција во Скопје. Челниците на фондовите порачаа дека вториот столб чува 16 отсто од вкупната финансиска актива во земјата и предупредија дека секој обид за прелевање на парите во државниот фонд само ќе ја загрози идната стабилност.

Презентирајќи ги финансиските резултати од две децении постоење на капитално финансираното пензиско осигурување, потпретседателката на управниот одбор, Весна Стојановска, посочи дека постигнатите бројки се во рамки на очекувањата и во златен просек со развиените економии.

Номиналниот кумулативен принос на фондовите за овие 20 години изнесува 5,5 отсто, додека реалниот принос, по пресметката на инфлацијата, достигна 2,3 отсто. Според Стојановска, во земјите членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), овој реален принос се движи меѓу 0,5 и 4 проценти, што потврдува успешно и домаќинско управување со парите на граѓаните.

Осигуреник кој започнал со редовни уплати во вториот столб во 2006 година денес има заштеда со трипати поголема номинална вредност, односно нето пораст на куповната моќ од 58 отсто. Вкупниот остварен принос што друштвата им го испорачаа на граѓаните за две децении изнесува 1,25 милијарди евра. Стојановска најави дека со усвојување на најавениот Закон за мултифондови и воведување нови инвестициски правила, приносите можат да пораснат за дополнителни 1,5 до 2 процентни поени.

Членката на одборот Снежана Станковиќ потсети дека моделот на капитално финансирање одамна не е институционален експеримент, туку стабилен механизам кој управува со 16 отсто од севкупната финансиска актива во државата.

Основниот столб на овој систем почива врз принципите на лична сопственост, правичност и секојдневна транспарентност. Секој вработен поседува сопствена сметка каде на дневна основа може да ја следи состојбата на уплатените придонеси и остварената добивка. Парите што се акумулираат на индивидуалните сметки се неделив личен имот кој содржи целосна компонента на наследност во случај на смрт на осигуреникот.

Станковиќ додаде дека висината на идната пензија мора да одговара на индивидуалните уплати, додека прашањето за минималните пензии спаѓа во доменот на државната социјална заштита и не смее да се пребива преку пензиските фондови.

Одговарајќи на неодамнешните владини најави за можно ревидирање на улогата на вториот столб, претседателот на управниот одбор Маријан Николовски порача дека суштината на реформата беше токму да се растовари државниот буџет од исплатата на идните пензии.

Секое враќање или пренесување на средствата од вториот во првиот столб краткорочно ќе ја подобри ликвидноста на државниот фонд, но за сметка на тоа ќе му натовари огромен и неодржлив товар во иднина. Математиката на пензискиот систем е немилосрдна и бара сериозна дебата, наместо избрзани решенија, порача Николовски.


Според друштвата, анализите покажуваат дека животниот век на населението е продолжен за приближно три години, додека старосната граница за пензионирање остана непроменета. Затоа, наместо шокови, друштвата препорачуваат комбиниран пакет мерки што ќе го распредели товарот: постепено усогласување на работниот век преку скалесто поместување на границата, фазно враќање на стапката за пензиско осигурување кон поранешните 21,2 отсто и конзистентно усогласување на пензиите исклучиво со трошоците за живот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс