UN Women EXPO 2026: Женското претприемништво креира иновации, нови работни места и посилна економија

Настанот се одржа во рамки на регионалната иницијатива за женско претприемништво на UN Women, со поддршка на Европската Унија

Стимулирањето на женското претприемништво во најголема мера зависи од пристапот до капитал, воведувањето иновации и ефикасното користење нови технологии, е клучната порака од годинешниот Саем за женско претприемништво EXPO 2026, кој го организира канцеларијата на UN Women во земјата. Прашањето веќе не е како жените да се охрабрат да започнат бизнис, туку како тој бизнис да се развие, да вработи нови луѓе и да се пробие на меѓународниот пазар. На настанот кој веќе традиционално се одржува во овој период од годината, учествуваа претприемачки од земјата и од странство, креатори на политики, меѓународни организации. 

Заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески порача дека се работи на систем за обезбедување квалитетни информации за учеството на жените во бизнисот што ќе овозможи да се креираат поефикасни и посоодветни политики за поддршка на женското претприемништво. 

„Подготвивме измени на Законот за едношалтерски систем и за водење на трговскиот регистар и регистарот на други правни лица, чија цел е да се обезбеди водење родово разделена статистика за деловните субјекти. Овие измени, кои се во завршна фаза, се добра основа за следење на состојбите и движењата, за креирање солидна база на податоци заради креирање соодветни политики, односно мерки и активности во насока на поттикнување и поддршка на развојот на женското претприемништво во земјава“, рече Ристески. 

Државниот секретар во Министерството за дигитална трансформација, Гордана Клинчарова, говореше за потребата женските микро и мали претпријатија да добијат практична поддршка за примена на вештачката интелигенција преку дигитална дијагностика, менторска и експертска помош, пристап до финансирање и инфраструктура, со цел новите технологии да придонесат кон конкретен раст и поголема конкурентност на бизнисите.

„Нашата цел не е секоја микро или мала компанија да стане технолошка компанија. Целта е секоја компанија, без разлика на големината, секторот или местото од кое работи, да може да утврди дали вештачката интелигенција може да ѝ помогне, да добие стручна поддршка, да пристапи до соодветно финансирање и безбедно да воведе решение што создава конкретна деловна вредност“, истакна Клинчарова.

Портпаролката на Владата, Марија Митева потенцираше дека со поттикнување на женското претприемништво се зајакнува македонската економија и се создава подобра иднина во земјата.

„Кога создаваме услови за развој на женското претприемништво, не инвестираме само во поединечни бизниси. Инвестираме во економската иднина на Македонија“, децидна е Митева.

Настанот се одржа во рамки на регионалната иницијатива за женско претприемништво на UN Women, со поддршка на Европската Унија. Од канцеларијата на UN Women порачаа дека економското јакнење на жените е неразделен дел од родовата еднаквост, но истовремено и важно прашање за економскиот развој. 

„Поддршката за женското претприемништво не е трошок и не е помош само за жените. Таа е инвестиција во економски раст, иновации, нови работни места и во потенцијал кој сè уште не е целосно искористен. Кога една жена добива реална можност да го развие својот бизнис, ефектот не завршува со неа. Тој се пренесува врз нејзиното семејство, вработените, локалната заедница и целата економија“, изјави Весна Ивановиќ-Кастаред, раководителка на канцеларијата на UN Women во земјата.  

Според податоците на Европската комисија, жените се сопственички на само 33 отсто од бизнисите во Европската Унија.  Овие податоци укажуваат дека не е доволно само да се зборува за женското претприемништво, туку да се креираат конкретни мерки кои ќе ги охрабрат жените да започнат своја бизнис приказна. 

„Женското претприемништво не е само приказна за успешни жени. Тоа е приказна за посилни компании, повеќе иновации, нови работни места и посилна економија. Токму затоа, не е доволно само да ги охрабриме жените да започнат бизнис. Треба да им помогнеме тој бизнис да го развијат, да воведуваат иновации, да пристапат до нови пазари и да станат конкурентни“, порача Даниела Димовска, директорка на ИНОВА. 


За учество на годинешниот UN Women EXPO 2026 аплицираа речиси 100 претприемачки, од кои беа избрани 58, а 12 од нив имаа можност да ги презентираат своите бизниси пред посетителите на настанот. На Саемот за женско претприемништво беа избрани трите најперспективни женски бизниси. Наградите ги освоија Loolka, Loyalty Roadmap и Astarta.

е-Трн да боцка во твојот инбокс