На четири малолетнички им е изречена мерка упатување во воспитно-поправен дом во постапката за насилството врз 13-годишно девојче во Ѓорче Петров.
Според информациите од судот, на првообвинетата малолетничка ѝ е определена мерка во траење од една година, додека на останатите три им е изречен престој од по осум месеци.
Одлуката за воспитно-поправен дом не е правосилна
Од Кривичниот суд потврдуваат дека одлуката сè уште не е правосилна. Таа е во фаза на писмена изработка и засега не им е доставена на странките.
Постапката против четирите малолетнички се водеше согласно Законот за правда за децата, откако против нив претходно беа поднесени кривични пријави за насилство.
Случајот стана јавен во март 2026 година. Девојчето било физички нападнато во два одделни наврати во Ѓорче Петров. Дел од насилството било снимано со мобилни телефони, а снимки и фотографии се појавиле на социјалните мрежи.
