Најголемата светска крипто-менувачница Бајненс (Binance) им препорача на корисниците на iPhone итно да ги отстранат сите апликации преземени надвор од официјалната продавница App Store поради сериозен безбедносен пропуст. Ранливоста наречена „worse_query“ ги загрозува уредите со инсталирани верзии iOS 26 и iOS 27, овозможувајќи им на злонамерните апликации неприметно да пристапат до приватни пораки, фотографии, лозинки и дигитални крипто-паричници складирани во други апликации на истиот телефон.
Оперативниот систем на Apple стандардно ги изолира апликациите во посебни заштитени опкружувања, со што се спречува една апликација да чита податоци од друга. Безбедносниот пропуст „worse_query“ ја нарушува оваа изолација и им дозволува на инфицираните апликации да ги прегледуваат, копираат, па дури и менуваат датотеките на другите програми на уредот.
Апликациите инсталирани надвор од официјалниот App Store носат поголем ризик бидејќи не минуваат низ стандардните безбедносни проверки на Apple. Според наводите на Бајненс, самата ранливост не претставува злонамерен софтвер, но отвора директен влез за кражба на чувствителни податоци доколку на телефонот веќе постои компромитирана апликација.
Најизложени на ризик се корисниците кои чуваат криптовалути на своите мобилни телефони. Податоците во дигиталните паричници содржат приватни клучеви и фрази за обновување (recovery phrases), преку кои се остварува целосна контрола врз финансиските средства.
Бајненс го објави предупредувањето во вторникот, само неколку дена по сајбер-нападот поврзан со Северна Кореја во кој компанијата загуби 6,3 милијарди долари. Од менувачницата појаснија дека новооткриениот пропуст во оперативниот систем на Apple не е поврзан со тој напад, но претставува директна закана за секој сопственик на iPhone што користи крипто-апликации.
„Податоците поврзани со ваквите паричници можат да содржат приватни клучеви или фрази за обновување што овозможуваат пристап до средствата. Ако напаѓачите дојдат до тие податоци, можат да ја преземат контролата врз паричникот и да ги украдат криптовалутите“, предупредија од Бајненс.
Според првичните информации од крипто-менувачницата, пропустот е регистриран кај уредите што работат на верзиите iOS 26.7.1, iOS 27.0.1 и iOS 27.2. Сепак, независниот софтверски истражувач кој на платформата GitHub се потпишува под името Тај (Taj), посочи дека опсегот на ранливоста е значително поширок и ги опфаќа речиси сите изданија од серијата iOS 26, почнувајќи од верзијата 26.0 заклучно со 26.7.2.
Компанијата Apple сè уште се нема јавно огласено за оваа ранливост. Од Бајненс им препорачаа на сите корисници веднаш да го ажурираат својот оперативен систем на најновата достапна верзија и да отворат нов дигитален паричник доколку постои каков било сомнеж дека нивниот уред е компромитиран.
