„Паланката не го сака непознатото; тоа е една од нејзините основни одлики, по која се разликуваат нејзината историја, нејзината култура, нејзиниот ментален свет. Но таа го отфрла непознатото не само во својата сегашност, туку и во времето. Не го сака во минатото, исто како што не го сака ни во иднината.“
– Радомир Константиновиќ, „Философија на паланката“
На паланката и пречи Бленди Ходаи бидејќи во неговата борба го гледа сопствениот неуспех. Таа е во неверување. Нејзиниот ум не може да ја прифати како релевантна, искрена и вистинска борбата на еден дваесет и четиригодишен млад човек кој се осмелува да бара одговорност и почитување на законите од „научниците“ на власт.
Феноменот Ходаи на свои 24 години има подобро CV од она што цела влада и опозиција го немале заедно на таа возраст, а можеби и денес. Неговото познавање и дејствување се локални, но и глобални. Тој е препознаен во Тетово, во Скопје, во Охрид и во Струга. Во Стразбур и во Америка. За Бленди, премиерот Христијан Мицкоски вели дека е непристоен и дека ги навредува универзитетските професори. Од друга страна, фондацијата на поранешниот американски претседател Барак Обама го избрала за еден од 35-те млади европски лидери во програмата Obama Leaders за 2026-2027 година.
Ходаи со својата работа во ФОП (Форум за Образовни Промени) е главен опозиционер на секоја негативна образовна политика, независно дали таа доаѓа од трнливата ружа, долгата рака или двоглавата птица. Бленди се бори за тоа што е основа на цивилизираното општество: образование, едукација, очиотворање, светопрогледување, менување на самата генеза на тоа што значи да се биде Македонец или Албанец.
Образованието му е потребно секому, секаде, независно од неговата етничка припадност. Неписмен Македонец, Албанец, Ром или Турчин, на крајот од денот, е неписмен граѓанин на нашата заедничка држава. Тука нема „или-или“. Неписменоста не познава етничка припадност, а последиците од неа ги чувствуваме сите.
Бленди е образован во училиштата во Македонија, студент на УКИМ. Верен на каузата.Во неговата борба има нешто што паланката тешко може да го поднесе. Тој не бара дозвола да мисли, да критикува и да дејствува. Не ја прифаќа однапред определената улога на млад човек кој треба да слуша, да молчи и да биде благодарен за она што постарите му го оставиле. Уште помалку прифаќа неговата етничка припадност да му го определува политичкиот простор во кој смее да дејствува.
И затоа деновиве Бленди е главната опозиција на власта и лидер на студентите, прифатила ние или не. Изложен на напади од различни ботовски мрежи, навреди и обиди за дискредитација, тој продолжува со својата борба. Еден млад човек, со молив во едната рака и закон во другата, успеа да ја вознемири политичката елита и да го разниша нејзиното чувство на недопирливост.
Да видиме за всушност е Бленди нападнат.
- Поднесе тужба до Управниот суд поради непочитување на законот од страна на МОН.
- Го покажа менито на Собранието кое ИРЛ го обелодени во последното истражување за субвенционираниот студентски оброк.
- Побара од професорите на власт, Христијан Мицкоски и Весна Јаневска, да докажат дека студентите купуваат цигари, наместо да прават чаршиски муабети. А па и да купуваат, што со тоа?
ТОЛКУ.
Ништо од ова не е спорно или навредливо, освен ако не си дел од политичка структура која секое поставено прашање го доживува како напад врз сопствениот авторитет, а секоја критика како лична навреда.
Со овој гол од корнер, Ходаи на себе ја навлече секоја провладина пијавица. Цела недела е напаѓан и навредуван, а од оние поумните и дискредитиран и противаргументиран. Го дискредитираат најпрво бидејќи е Албанец, што е небулоза, Албанците биле, се и ќе бидат државотворен народ. Главниот аргумент што го користат за да го оправдаат непочитувањето на законот од страна на МОН е: „Во наше време немаше студентски оброк. Размазени деца, ништо не ви е доста!“ Како и повеќето аргументи на провладините коментатори, и овој е празен. Бидејќи, според истата логика, студентите некогаш немале ниту интернет, ниту преносни компјутери, ниту таблети, кои, за волја на вистината, токму оваа влада ги субвенционираше. Исто така пензиите беа дупло помали, по нивната логика и нив да ги вратиме? Ако во минатото нешто не постоело, дали тоа значи дека денес не треба да постои? И од кога недостатоците на минатото станаа аргумент против подобрувањето на сегашноста?
Паланечкиот дух се обидува да го зачува воспоставениот поредок. Секој што ќе излезе од утврдениот образец станува опасност за неговото опстојување. А оној што со сопствениот пример ќе покаже дека е можен поинаков начин на живеење, размислување и дејствување, станува уште поголема закана.
Бленди со своите постапки ја покажува можноста за промена. Можноста еден млад човек да биде политички релевантен без партиска книшка, да биде општествено влијателен без државна функција и да биде препознаен надвор од границите на Македонија без претходно да добие благослов од домашните политички авторитети.
Затоа зошто да не Албанец?
Зошто еден Албанец да не биде најгласниот противник на лошите образовни политики во Македонија? Зошто неговата борба да не биде и наша борба? Зошто во неговиот успех да не го препознаеме успехот на целото општество? Паланката сака однапред да знае каде кому му е местото. Кој кому припаѓа, кој за кого зборува, кој има право да поставува прашања и кој треба да молчи. Бленди со своето делување ги крши тие граници. Затоа неговата борба е поголема од прашањето за студентскиот оброк, од една тужба, една прес-конференција или една политичка полемика.
Неговата борба е борба што ја отвора можноста за Македонија да излезе од сопствената паланечка затвореност и конзервативност.
