Биеналето се врати во Скопје без институции и буџет: Уметниците покажаа дека заедништвото е посилно од системот

Под мотото „Животот е таму каде што се здружуваме“, Биеналето за сценски дизајн 2026 во Железничката зграда ги поврза искуствата на независната културна сцена од регионот, студентското движење и отпорот против институционалните притисоци. Преку разговори, изложба и театарско-перформативна акција, настанот отвори прашање како се создаваат и зачувуваат просторите на уметничка слобода.

„Сериозна институција како БИТЕФ беше цензурирана, а како отпор сцената одговори со шеесет сцени во ист момент. Епа, киното е шеесет и првата сцена.“

Оваа реченица ја сумира идејата што се провлекуваше низ Биеналето за сценски дизајн 2026, кое на 6 и 7 ноември се одржа во Железничката зграда во Скопје. Под мотото „Животот е таму каде што се здружуваме“, настанот не беше само претставување на уметнички практики и изложбени содржини, туку и обид да се покаже дека културата може да се организира и да создава јавен простор дури и тогаш кога институционалната и финансиската поддршка изостануваат.

Во фокусот беа самоорганизирањето, солидарноста и можноста за заедничко дејствување во услови на политички притисоци, институционални кризи и неизвесност. Преку разговори со уметници, театарски работници и истражувачи од регионот, Биеналето ги поврза искуствата на независната сцена во Србија, Словенија, Хрватска и Северна Македонија, отворајќи простор за размислување за тоа како уметноста може да реагира на општествените промени, но и активно да учествува во нив.

Настанот се надоврза на искуствата од Фестивалот АКТО, каде што се родила идејата за изложба посветена на не:БИТЕФ во Железничката зграда. Токму оваа врска меѓу независните културни сцени, студентското организирање и институционалниот отпор беше една од главните теми на Биеналето.

Кога институцијата ја губи автономијата, заедницата го презема просторот

Еден од централните разговори беше посветен на не:БИТЕФ – иницијативата што произлезе од кризата во белградскиот БИТЕФ и обидот да се зачуваат вредностите врз кои е изграден фестивалот. Јелена Кнежевиќ, театарска продуцентка, асистентка на Факултетот за драмски уметности во Белград и поранешна извршна директорка на БИТЕФ, зборуваше за промените во институцијата што дел од културната заедница ги доживеала како одземање на нејзината автономија и уметничка слобода.

„Промените во БИТЕФ, и нормативни и финансиски, ги доживеавме како одземање на неговата автономија, слободата на говорот и уметничката слобода. Во таа желба да се зачуваат вредностите на фестивалот, решивме да покренеме акција што ќе го привлече вниманието кон неговата автентична функција.“

Првиот не:БИТЕФ се одржа во 2025 година, по цензурата на гостувањето на претставата на режисерот Мило Рау. Одлуката тој да не настапи во рамките на институционалниот фестивал ја поттикнала белградската театарска сцена да најде начин претставата сепак да биде изведена, без институционална поддршка. Така, протестот против цензурата прераснал во поширока иницијатива за одбрана на уметничката слобода и за зачувување на БИТЕФ како простор што им припаѓа на уметниците и на публиката.

Јелена Кнежевиќ

Оваа година иницијативата добила поширока поддршка. Во неа се вклучиле шеесет сцени и повеќе од сто културни работници и уметници, кои преку заеднички активности се осврнале на историјата на фестивалот и на вредностите што го направиле важен за белградската и регионалната културна сцена.

„БИТЕФ не е само институција и не може да биде производ на политички агенди, туку им припаѓа на сите нас. Тој ќе постои сè додека уметниците и културните работници се собираат и го слават неговиот јубилеј – шеесетгодишнината на фестивалот“, истакна Кнежевиќ.

За неа, не:БИТЕФ не е само реакција на една конкретна институционална криза, туку и резултат на долгогодишната работа на независните сцени во постјугословенскиот простор. Искуствата од Скопје, Загреб, Словенија и Белград создале мрежа на соработка и знаење што денес овозможува поинакво размислување за односот меѓу независната сцена и институциите.

Кнежевиќ посочи дека независната сцена со години има суштинска улога во менувањето на начинот на кој се размислува за културата, но и во начинот на кој функционираат институциите. Во последните две години, особено во Србија, таа се соочува со сериозни притисоци и укинување на различни форми на финансирање и поддршка.

Солидарноста не е слоган, туку стратегија за преживување

Темата на заедништвото не остана само на ниво на програмска порака. Таа беше присутна и во начинот на кој се организираше самото Биенале. Настанот беше реализиран без институционална и финансиска поддршка, преку вложување на сопствените ресурси, знаења и капацитети на луѓето што учествуваа во него.

Организаторите го опишаа овој модел како свесен избор, обид да се покаже дека заедничкото дејствување може да создаде простор за работа и размена, без тоа да значи дека уметниците треба да работат бесплатно или дека институционалната поддршка не е потребна.

Токму оваа разлика ја нагласи и режисерката Кристина Леловац, која здружувањето го опиша како услов за продолжување на работата на независната сцена.

„Мислам дека тоа е стратегија на преживување, и тоа не само во смисла да сме живи, туку како единствен начин практично да можеме да продолжиме да работиме. Во нашето секојдневно дејствување постојано доаѓаме во ситуации во кои мораме да побараме помош едни од други.“

Според Леловац, споделувањето ресурси веќе е дел од секојдневната практика на независната сцена – едни имаат микрофони, други озвучување, трети простор или техничка опрема. Она што на прв поглед може да изгледа како импровизација, всушност е резултат на долгорочен процес на градење доверба, соработка и заеднички капацитети.

„Ова е процес што подолго време се случува на независната културна сцена. Луѓето, и покрај сè што работат, наоѓаат места на кои се среќаваат, разговараат за својата работа и размислуваат како можат да соработуваат. Во таа смисла, здружувањето можеби е единствената стратегија за преживување.“

Леловац го посочи и заедничкиот југословенски културен простор како важен ресурс за иднината, а не како носталгично враќање кон минатото. Јазичната блискост, споделените искуства и вредности овозможуваат полесно воспоставување соработка и создавање заеднички почетни точки. Таа смета дека случувањата во Србија неизбежно се одразуваат и врз културните сцени во соседните земји. Прашањето не е само како да се поддржат оние што се соочуваат со притисоци, туку и што може да се научи од нивните модели на организирање и како тие искуства да се применат во локалниот контекст.

Студентското движење како потсетник дека постојат други модели

Една од важните врски што ги воспостави Биеналето е онаа меѓу независната културна сцена и студентското движење во Србија. Во последните две години студентските блокади и граѓанските протести отворија нови прашања за политичкото организирање, солидарноста и можноста за создавање алтернативни модели на одлучување.

Културниот и уметничкиот сектор имаа значајна улога во овие процеси, а независната сцена брзо се организираше и јавно го изрази своето незадоволство. Во разговорите на Биеналето беше истакнато дека ова искуство не треба да се гледа изолирано од случувањата во другите земји од регионот.

Леловац посочи дека студентските протести покажале дека општеството може да функционира и да се организира на поинаков начин.

„Студентските протести во Србија можеби покажаа дека постојат други модели за да живееме подобро. Мислам дека немаме избор освен да размислуваме за нив и да видиме како можат да се применат и во нашите средини.“

Таа ја поврза оваа тема и со Скопје, град чија историја е обележана со солидарност и заедничко дејствување. Според неа, тоа искуство треба да се продолжи, не само како дел од историското сеќавање, туку и како основа за современо организирање.

Во разговорот беше отворено и прашањето за можноста студентските модели на самоорганизирање да влијаат врз иднината на културните институции и независните сцени. Наместо да чекаат институциите да им обезбедат услови, уметниците и културните работници можат да создаваат мрежи и заеднички простори, а потоа да бараат начини тие да влијаат врз поширокиот систем.

Биеналето како простор што не чека дозвола

Историјата на Биеналето за сценски дизајн е поврзана со политичките и општествените околности уште од неговите почетоци. Првото издание требало да се одржи во доцната есен 1996 година, во заедничка организација на ЈУСТАТ центарот на Меѓународната организација за сценски дизајн и технологија во тогашна Југославија и Музејот на современа уметност во Белград.

Но, по локалните избори на 17 ноември 1996 година, кога опозицијата победи во повеќе големи градови, а власта одби да ги признае резултатите, започнаа масовни граѓански протести. Организаторите процениле дека во такви околности не е соодветно да се одржи манифестацијата. Биеналето било одложено, а Големата изложба се отворила во февруари 1997 година, по усвојувањето на Lex specialis, со кој биле признаени изборните резултати.

Така, уште од првото издание, Биеналето се поврзало со идејата дека уметноста не може да се однесува како општествените случувања да не постојат. Во следните години, преку шест изданија, прераснало во значајна платформа за презентација, проценка и размена во областа на сценскиот дизајн.

Неговото влијание постепено се проширило и надвор од изложбената практика. Во 2001 година, во соработка со ЈУСТАТ, биле иницирани постдипломски студии по сценски дизајн на Универзитетот за уметности во Белград. Последното, шесто издание пред подолгата пауза се одржало во 2006 година, пред првото самостојно учество на Србија на Прашкото квадриенале на сценски дизајн и простор во 2007 година.

Во 2011 година, дел од задачите на ЈУСТАТ ги презел центарот СЦЕН, а во 2013 година во Нови Сад биле основани студиите за сценски дизајн. Со тоа се прошириле образовната и професионалната мрежа, како и можностите за регионална соработка.

Биеналето било обновено во 2022 година, во рамките на програмата на Нови Сад – Европска престолнина на културата. Новото издание донело поинтензивно регионално поврзување и иницирање на Студентското биенале. Следното обновено издание, проследено со меѓународна конференција, се одржало само една недела пред трагичниот пад на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, на 1 ноември 2024 година.

Во изминатите години, студентското движење во Србија прерасна во значаен општествен фактор, потпирајќи се врз вредностите на самоорганизирањето, солидарноста и заедништвото. Токму овие вредности се препознаваат и во моделот на работа на не:БИТЕФ и во концептот на овогодишното Биенале.

Од Скопје до регионот – заеднички простор за отпор и размена

Во изминатиот период, СЦЕН ги поддржуваше студентските иницијативи и гостуваше во Хрватска, Словенија, Црна Гора и Северна Македонија, промовирајќи ги вредностите за кои се залага студентското движење. Последната станица на ова патување беше Фестивалот АКТО во Скопје, каде што се родила идејата за изложбата посветена на не:БИТЕФ, поставена во Железничката зграда како централна програма на овогодишното Биенале.

Програмата во Скопје ги поврза разговорите за не:БИТЕФ со искуствата од проектот „Скок во неизвесноста“, циклус изложбени и изведбени практики што се одржувале во галеријата „Колектив“ во Белград од декември 2025 до јуни 2026 година.

Преку различни уметнички медиуми, оваа програма ги соочувала учесниците и публиката со општествената реалност во Србија и со активностите на студентското движење. Неизвесноста била поставена како основна тема не само како лична или професионална состојба, туку и како политички и колективен предизвик.

Во разговорот учествуваа теоретичарката и кураторка на сценски дизајн Татјана Дадиќ Динуловиќ и интердисциплинарниот уметник и културен работник Филип Јовановски. Нивниот разговор се фокусираше на храброста да се дејствува во неизвесни околности и на тоа како индивидуалните одлуки можат да станат дел од поширока колективна акција.

Со видеообраќања и разговори беа вклучени и театарската режисерка Тјаша Чрнигој од Љубљана и писателката, драматург и истражувачка Јасна Жмак од Загреб. Нивните практики, кои се движат меѓу документарниот театар, феминистичките пристапи, перформансот и драматургијата, ја проширија регионалната перспектива на програмата.

Изложбата посветена на не:БИТЕФ не беше замислена само како документација на еден културен феномен, туку и како обид да се покаже како се гради заедница и како се зачувуваат просторите на слободата. Во неа се среќаваат индивидуални иницијативи, колективни одлуки и конкретни форми на дејствување.

Овогодишното Биенале ја прошири и самата идеја за тоа каде и како може да се случува сценскиот дизајн. Наместо да остане во воспоставените институционални простори, тоа ги поврза независната сцена, институциите, поединците и различните географски средини. Неговата порака е едноставна, но политички важна: културниот простор не мора да чека покана, дозвола или гаранција за опстанок. Може да се создаде преку заедничка работа, споделени ресурси и преземање одговорност.


Затоа Биеналето не е само изложба, фестивал или административно организирана манифестација. Тоа е заедница на луѓе што одлучуваат да се здружат околу идеја и да ја претворат во конкретна акција. А во време кога институциите се соочуваат со кризи, а независната сцена со притисоци и неизвесност, токму заедништвото станува начин уметноста да остане присутна во јавниот живот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс