Крај на контроверзниот проект во Белград: Србија го раскинува договорот со зетот на Трамп

Српските власти ја започнале постапката за раскинување на договорот со компанијата на Џаред Кушнер за изградба на луксузен станбено-деловен комплекс на местото на поранешниот Генералштаб. Проектот предизвика силни реакции поради уривањето на заштитата на објектот како културно наследство

Србија е во постапка на раскинување на договорот со компанијата на Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, за „ревитализација“ на комплексот на поранешниот Генералштаб на Југословенската народна армија (ЈНА) во Белград. Со проектот беше предвидена изградба на луксузен станбено-деловен комплекс, објавија белградските медиуми.

Српското Министерство за градежништво, транспорт и инфраструктура потврдило за Радио-телевизија Србија (РТС) дека раскинувањето на договорот е „во постапка на формализирање“ и се очекува да биде завршено на почетокот на следната недела. Претходно, неделникот „Време“, повикувајќи се на извори во српската влада, објави дека договорот е раскинат, при што двете страни се откажале од сите евентуални меѓусебни побарувања.

„Случајот Генералштаб“

Ваквиот исход би значел дека Србија нема да се соочи со меѓународна арбитража и евентуално плаќање казни поради неисполнување на договорените обврски.

„Случајот Генералштаб“ речиси две години е под лупата на јавноста, откако во мај 2024 година српската влада потпиша договор со компанијата „Афинити“ на Џаред Кушнер за „ревитализација“ на комплексот на поранешниот Генералштаб на ЈНА во центарот на Белград. Дел од објектите беа урнати за време на повеќемесечното бомбардирање на НАТО во 1999 година.

Според договорот, кој досега не е објавен, Србија го дала земјиштето под комплексот под закуп на 99 години. На местото на урнатините беше планирана изградба на две високи згради со станови и хотели.

На преуредувањето на комплексот, изграден меѓу 1955 и 1965 година, се спротивставија стручни институции и организации, српската опозиција и граѓанскиот сектор. Објектите имаат архитектонска вредност и беа заштитени како културно наследство.

Како беше укината заштитата на комплексот?

Неделникот „Радар“ подоцна откри дека Србија се обврзала да ја укине заштитата на комплексот, да ги урне постојните оштетени објекти на сопствен трошок и да го отстапи земјиштето без надомест за период од 99 години.

Според пишувањето на „Време“, Србија имала рок од две години, до мај 2026 година, да ги исполни обврските. Во спротивно, инвеститорот можел да побара отштета до 50 милиони евра.

Владата во ноември 2024 година му го укина статусот на културно наследство на комплексот. Одлуката беше проследена со афера и обвинувања дека била донесена под притисок. Обвинителството за организиран криминал утврди дека владата ја донела одлуката врз основа на фалсификуван предлог.

Горан Васиќ, тогашен директор на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, на сослушување во мај 2025 година признал дека го фалсификувал документот.

Поради случајот, на 15 декември истата година Обвинителството за организиран криминал поднесе обвинителен предлог против министерот за култура Никола Селаковиќ, секретарката на Министерството Славица Јелача и раководителите на две надлежни институции – Горан Васиќ и Александар Ивановиќ.

Истиот ден беше објавено дека Кушнер се повлекува од проектот. Претходно, во Соединетите Американски Држави, за време на кампањата за вториот претседателски мандат на Доналд Трамп, беше покрената истрага за деловното работење на компанијата „Афинити“ на неговиот зет.

Истрага и во САД

Истрагата ја покрена Комитетот за финансии на американскиот Сенат. Според „Гласот на Америка“, демократскиот сенатор Рон Вајден, кој ја предводеше истрагата, навел дека претставници на Србија и Албанија ѝ пристапиле на компанијата „Афинити“ со предлози за инвестирање.

Вајден побарал и детални информации за условите во сите договори меѓу компанијата „Афинити“ и српската влада за развој на недвижности во Србија.

Тогашниот српски претседател Александар Вучиќ во јуни 2024 година се пофали дека се сретнал со Џаред Кушнер во Белград. На својот профил на Инстаграм напиша дека имале „инспиративна размена на идеи“, а дека на гостинот му го покажал Белград и му претставил дел од плановите за неговиот уште побрз развој.


Вучиќ и Српската напредна странка ги загубија парламентарните избори во Србија на 25 октомври 2026 година. По победата на листата на студентското движење, се очекува под лупа да бидат ставени и бројни договори склучени за време на владеењето на Српската напредна странка, особено оние за кои постојат сомневања дека се поврзани со коруптивни зделки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс