Наставниците, здравствените работници и ИТ-специјалистите се меѓу професиите за кои најтешко се наоѓаат работници низ Европа. Од друга страна, работодавачите генерално полесно вработуваат работници за физички и помошни работи, како и помошници во подготовката на храна. Сепак, состојбата се разликува од земја до земја. Шпанија, на пример, се соочува со голем недостиг од помошници во подготовката на храна, покажува истражувањето на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
Недостигот на работници продолжува и покрај тоа што младите се соочуваат со сè потежок пазар на труд. ОЕЦД утврдува дека во анализираните земји се зголемува разликата меѓу невработеноста кај младите дипломирани лица и невработеноста кај вкупното работоспособно население. Европската централна банка (ЕЦБ), исто така, констатира дека изгледите за вработување на младите во еврозоната се влошуваат од 2023 година.
Според извештајот на ОЕЦД „Мапирање на недостигот од вештини во земјите на ОЕЦД“, во земјите од ЕУ опфатени со анализата, наставниците во просек се професијата што најтешко се пополнува. По нив следуваат здравствените работници и стручњаците за информатички и комуникациски технологии (ИКТ). Во првите пет се и здравствените соработници, како медицинските техничари и дел од медицинскиот персонал, како и стручњаците за бизнис и администрација.
На спротивниот крај од листата се работниците за физички работи, кои најлесно се наоѓаат, по што следуваат работниците за едноставни занимања, помошниците во подготовката на храна, продавачите и монтажерите.
Индексот на ОЕЦД ги споредува професиите во рамките на секоја земја. Позитивните вредности укажуваат на релативен недостиг, а негативните на релативен вишок на работници. Оценките покажуваат колку е тешко да се пополни одредено работно место во споредба со другите професии во истата земја. Тие не го мерат бројот на слободни работни места или бројот на работници што недостигаат. Податоците за повеќето земји се од 2024 година.
Трендовите во 27 европски земји, меѓу кои Норвешка, Швајцарија, Турција и Велика Британија, покажуваат кои професии најчесто се наоѓаат меѓу петте најтешки или најлесни за пополнување.
Пет професии за кои најтешко се наоѓаат работници
Наставниците се меѓу петте професии што најтешко се пополнуваат во 13 земји. По нив следуваат здравствените работници и ИКТ-специјалистите, кои се меѓу најтешките за вработување во по 12 земји.
Во седум земји, менаџерите се наоѓаат меѓу петте професии со најголем недостиг. Здравствените соработници, работниците за лична нега и стручњаците за бизнис и администрација се меѓу првите пет во по шест земји.
Пет професии за кои најлесно се наоѓаат работници
Работниците за физички работи се меѓу петте најлесни професии за пополнување во 14 земји. По нив следуваат помошниците во подготовката на храна, во 12 земји, и другите административни работници, во 11 земји.
Работниците за едноставни занимања се на листата во 10 земји, а монтажерите во осум.
Освен петте професии со најголем и најмал недостиг, ОЕЦД ги групира занимањата во пет категории, според тоа колку е тешко да се најдат работници во споредба со другите професии во истата земја. И оваа анализа покажува дека здравствените работници, наставниците и ИКТ-специјалистите се дефицитарни во најголем дел од земјите.
Зошто Европа нема доволно лекари и медицински сестри?
Здравствените работници тешко се наоѓаат во 23 од 27 земји, додека здравствените соработници недостигаат во 21 земја.
„Здравствените системи во ЕУ и во Европа не успеваат да ги задржат и да ги привлечат медицинските сестри што се на првата линија на здравствената заштита, што доведува до сериозен недостиг на медицински сестри насекаде“, изјавија за „Еуроњуз бизнис“ Пол Де Рав и Мануел Балота од Европската федерација на здруженија на медицински сестри.
Како причини ги наведуваат големиот број пациенти по медицинска сестра, небезбедните услови за работа и широко распространетите проблеми со менталното здравје. Според нив, влијаат и ниските плати, ограничените можности за напредување, недоволното професионално признание, како и честото изложување на вознемирување и насилство.
Претседателот на Постојаниот комитет на европските лекари, д-р Оле Јохан Баке, укажува и на влошувањето на работните услови.
„Од лекарите низ Европа сè почесто се очекува да го надоместуваат системскиот недостиг од кадар со прекумерно работно време и зголемен обем на работа. Насилството врз здравствените работници, сè почеста појава со која се соочуваат и лекарите, дополнително ги влошува овие проблеми“, изјави тој за „Еуроњуз бизнис“.
Според него, овие притисоци придонесуваат за професионално согорување и ја прават медицината помалку привлечна како долгорочна професионална кариера.
Недостигот од наставници не е само прашање на плати
Наставниците недостигаат во 21 земја. Во преостанатите шест – Германија, Грција, Италија, Норвешка, Шпанија и Турција – ОЕЦД ја оценува понудата и побарувачката на наставници како релативно избалансирани.
„Недостигот од наставници веќе не е само прашање на пополнување слободни работни места, туку сè повеќе се однесува на долгорочната привлечност и одржливоста на наставничката професија“, изјави за „Еуроњуз бизнис“ Даниел Вишњевски, генерален секретар на Европската федерација на работодавачи во образованието.
Тој истакнува дека конкурентните плати и понатаму се неопходни, но наставниците се соочуваат и со сè поголеми барања. Училиштата воведуваат дигитални алатки, се стремат кон поинклузивни училници и преземаат поголема одговорност за благосостојбата на учениците. Истовремено, расте и обемот на административните обврски.
„Треба да признаеме дека работните услови на наставниците, нивната професионална автономија, можностите за развој на кариерата и квалитетот на училишното раководство се подеднакво важни за одлуката дали некој ќе ја избере професијата и ќе остане во неа“, вели Вишњевски.
Дали вештачката интелигенција ќе го намали недостигот од ИТ-специјалисти?
Стручњаците за информатички и комуникациски технологии, како и стручњаците за бизнис и администрација, тешко се наоѓаат во по 18 земји.
Изабел Скак Олуфсен, економистка во ОЕЦД, објаснува дека дигитализацијата ја зголемила побарувачката за ИКТ-специјалисти. Сепак, напредокот на вештачката интелигенција во иднина може да ја намали побарувачката за дел од овие работници, особено за оние на почетокот на кариерата.
Работниците за едноставни и рутински работи најлесно се наоѓаат
Работниците за физички работи лесно се наоѓаат во 21 земја, по нив следуваат помошниците во подготовката на храна во 17 земји и работниците за едноставни занимања во 16 земји. Продавачите и другите административни работници се меѓу најлесните за вработување во по 15 земји.
Некои земји отстапуваат од европскиот тренд
Во Норвешка, работниците за физички работи се најтешки за вработување, иако во 21 од анализираните земји релативно лесно се наоѓаат. Во Шпанија најголем недостиг има од помошници во подготовката на храна, иако во голем дел од Европа оваа професија лесно се пополнува. Во Франција, пак, најтешко се наоѓаат работници за едноставни занимања.
Неколку земји од Северна и Западна Европа отстапуваат и во однос на побарувачката за ИКТ-специјалисти. ОЕЦД оценува дека пазарот на труд за овие професии е релативно избалансиран во Данска, Финска, Германија, Холандија, Норвешка и Шведска. Во Австрија, Швајцарија и Велика Британија, пак, има вишок на ваков кадар.
Недостигот зависи и од економската структура на земјата
„Професиите со најголем недостиг се разликуваат од земја до земја поради повеќе причини. Побарувачката за одредени занимања зависи од економската структура на секоја земја“, објаснува Олуфсен.
Таа ги посочува Јужна Кореја и Германија, каде што големите производствени сектори помагаат да се објасни недостигот од работници во неколку средно квалификувани професии, меѓу кои монтажери и ракувачи со машини.
Различна е и понудата на работници. Земјите што нудат релативно повисоки плати за наставниците и здравствените работници може да имаат помал недостиг од кадар во овие професии.
Образованието и усогласувањето на вештините се клучни
„Недостигот од работници во Европа сè повеќе има структурен, а не привремен карактер. Влијаат демографските промени, несовпаѓањето меѓу вештините на работниците и потребите на работодавачите, квалитетот на работните места и ограничената мобилност на работната сила“, изјави за „Еуроњуз бизнис“ Пиа-Јохана Фалстром, портпаролка на Европската управа за труд (ЕЛА).
Според неа, на Европа ѝ се потребни подобри програми за обука, подобри работни услови и поусогласена понуда на вештини со потребите на работодавачите. Таа ја истакнува и важноста на правичната мобилност на работната сила, која би им овозможила на работниците од земјите со вишок кадар да најдат работа таму каде што има недостиг.
„Анализите на ЕЛА покажуваат дека многу професии што се дефицитарни во една земја може да имаат вишок работници во друга“, додава Фалстром.
