Сексуалното образование не е само прашање на тоа колку младите знаат за своето тело и сексуалното здравје, туку и дали умеат да препознаат нездрава врска, да постават граници и да го препознаат значењето на согласноста. Во време кога социјалните мрежи се еден од главните извори на информации за младите, разговорите за љубовта, сексуалноста и родовите улоги сè уште се проследени со срам и предрасуди. Психологот Ана Попризова во интервју за Трн зборува за одговорноста на родителите и образовниот систем, за различните пораки со кои растат момчињата и девојчињата и за потребата да ги научиме младите дека љубомората не е доказ за љубов, контролата не е грижа, а почитувањето на туѓото „не“ е основа на секоја здрава врска.
Трн: Зошто ни е сè уште непријатно да зборуваме за сексуалното образование, иако младите секојдневно се изложени на најразлични информации преку социјалните мрежи?
Ана Попризова: Мислам дека младите имаат пристап до многу информации, но тие не се секогаш вистинските. Интернетот и социјалните мрежи навистина се неверојатен извор на податоци, но понекогаш можат да им дадат погрешна слика за сопственото тело, љубовта и сексуалните односи. Дали знаат доволно и дали го знаат она што треба да го знаат за своето тело, сексуалното здравје, за тоа што значи здрава врска, а што токсична? Информациите ги добиваат од различни места, но често можеби од погрешни извори.
Во Македонија сексуалното образование сè уште е табу-тема, но мислам дека децата треба да разговараат пред сè со нас, родителите, дома или со стручни лица. Знаењето не може да наштети, а незнаењето може.
Ние сме одговорни, како општество и како родители, да создадеме простор во кој децата отворено ќе разговараат со нас за сите теми, без срам и без осудување. Можеби најголемите проблеми секогаш почнуваат во рамките на една врска и во тоа колку таа врска е здрава.
Трн: Како да препознаеме дали една врска е здрава и кои работи младите не треба да ги прават во име на љубовта?
Ана Попризова: За мене, здрава врска е онаа во која се чувствуваш свој, слободен и без никаков притисок. Љубомората не е доказ за љубов, а контролата не е грижа. Љубовта не треба да боли, во врската не треба да доминира страдање. За мене, тоа е суштината.
Трн: Колку е важно младите да знаат дека имаат право да кажат „не“, дури и кога станува збор за врска во која постои љубов? И дали момчињата и девојчињата сè уште растат со различни очекувања?
Ана Попризова: Како родител и стручно лице сметам дека оваа тема треба да се отвора пред младите момчиња уште од најрана возраст. Тие треба да знаат дека вистинската сила не е во доминацијата, туку во почитувањето – да го препознаат „не“, да го прифатат и да се грижат за некого и да го почитуваат.
Тоа е вистинска зрелост. За мене, вистински маж не е оној што има моќ над некого, туку оној покрај кого се чувствуваме сигурно, почитувано и сакано.
Трн: Дали момчињата и девојчињата сè уште растат со различни очекувања за сексуалните односи и врските? Дали машките и женските деца ги воспитуваме на ист начин?
Ана Попризова: Пораките кои им се испраќаат при воспитувањето на овие простори се различни за момчињата и девојчињата. Од момчињата се очекува да бидат силни, моќни, поагресивни, не смеат да плачат, не смеат да почувствуваат болка. А девојчињата треба да бидат нежни, мирни, тивки, допадливи и да не се бунтуваат.
Ајде да не го пренесуваме, туку да го прекинеме тој трансгенерациски круг. Да ги поддржиме младите и едноставно да ги учиме на еднаквост и рамноправност. Да им покажеме дека нема разлика меѓу момче и девојче, меѓу маж и жена – дека сите се еднакви.
Трн: Дали општеството како целина има одговорност да ги научи децата на овие вредности? Кој треба да им обезбеди простор за разговор и образование?
Ана Попризова: Општеството, образовниот систем, ние – ние сме општеството. И дома, родителите имаат одговорност. Треба да се создаде простор, во кој навистина ќе може да се разговара за која било тема, не само за сексуалното образование. Основата е во комуникацијата.
Подобро е децата да научат од нас, стручните лица и родителите, отколку да кликаат на интернет, да прочитаат некоја лажна вест или да слушнат нешто што е сосема спротивно од вистината.
Не треба да се срамат да разговараат со нас, родителите, со најблискиот пријател или со стручни лица. Мислам дека тоа е многу важно, иако сметам дека е потребно да има повеќе стручни лица и советувалишта за унапредување на менталното здравје.
