Знам. Помина многу време од последната колумна – Победа, па се почастив со малку уживање во погледот од врвот на онаа планина што ја качував макотрпно.
Искрено, имам неколку колумни што ги чувам во ‘плакар’ и се фатив себеси дека себично ги чувам за книгата што одамна сакам да ја почнам, а никако да ѝ го најдам почетокот.
Во моментов се прашувам да не имам некоја од овие модерниве дијагнози, зошто темата за колумнава ми беше нешто сосема друго, сè додека не го искуцав зборот ‘почеток’.
Од каде е почетокот? Од некоја меморија на детство, школо, игри, одмори, родендени… И сето тоа е фино, но меморијата на траумата е таа со најсилен печат. Ако на нешто ми текнува од прва, а имам делумно слаба меморија, тоа е осумгодишното дете.
Да можев да го гушнам пред 30 години и да му кажам дека сè ќе биде ок. Дека, без разлика на сè, ќе го патува светот како што и си мечтаеше, ќе го оствари сонот замислен уште тогаш, ќе има прекрасни пријатели кои ќе му бидат фамилија, ќе ги надмине сите предизвици од кои ќе мора да научи лекции и дека од скршеното срце ќе израсне дрвото на животот. Дури стигна и до Јапонија, да ги види сите јапонци што ги црташе на пет години кога уште немаше интернет.
Камо да можев да му кажам во сите болнички денови дека ќе стане, ќе се избори и ќе почне од почеток. Во сите разочарувачки денови, дека како што луѓето си заминувале, така ќе доаѓаат нови и подобри пријателства. Од почеток.
Во сите скршени денови, дека ќе најде мир и повторно ќе може да љуби. Од почеток.
Можеби најголемата заблуда е дека секој нов почеток значи дека претходно сме изгубиле нешто. А всушност, понекогаш почнуваме одново со многу повеќе знаење, искуство, лузни и свесност. Не сме повторно на нула. Само сме на друго место.
Колку пати само сум ги слушнала луѓето околу мене како велат дека не можат да почнат од почеток. Па, ако сум несреќна во врската, зарем треба да останам во муљов со жаби само затоа што сум вложила многу време и труд, ко слеп за стап фатен и не пушта, или затоа што немам сила повторно да запознавам некого и да поминувам низ целиот процес одново?
Почнувањето од почеток не значи повторување на истото. Ново искуство, нова динамика, нови можности. А и ти веќе не си истата личност што била на претходниот почеток.
Или, колку пати сме убедени дека нешто повеќе не можеме да преживееме, сè додека животот не ни покаже дека можеме и повеќе од тоа? По моето прво болничко искуство и сечењето на градниот кош, бев убедена дека никогаш повеќе нема да можам да поминам низ нешто слично. Сè додека не се случи повторно. И еве, уште дишам. И повторно ќе преживеам, дур не завршам сè што треба.
Телото ми се замрзна, органите ми се рестартираа, а јас повторно се вратив. Па камо ли нешто што сме си го вградиле во главата – дека не можам да почнам нова работа, да се преселам или да започнам нова врска. Цепки. Животот ни лета, а ние сè уште размислуваме со свеста на неандерталец.
И еве ме, триесет години подоцна, сè уште почнувам од почеток. Животот не ни ветил континуитет. Не ни ветил дека сè што сме изградиле ќе остане, дека сите што сме ги сакале ќе бидат тука или дека патот што сме го избрале ќе нè однесе онаму каде што сме замислиле.
И можеби токму тука е проблемот. Премногу се врзуваме за она што сме го изградиле, дури и кога веќе не ни служи. За луѓе, места, работи, навики, верзии од самите себе кои одамна престанале да бидат наши. Се плашиме од непознатото, а забораваме дека и она што денес ни е познато некогаш било непознато. И дека секоја наша сегашност некогаш била само еден голем, застрашувачки почеток.
И ако повторно можев да го гушнам она осумгодишно дете, ќе му кажев да не се плаши од почетоците. Дека животот е многу поголем од сите наши стравови, од сите наши загуби и од сè што некогаш сме мислеле дека е нашиот единствен пат. Дека понекогаш најубавите нешта нè чекаат токму таму каде што најмалку сме очекувале да започнеме повторно.
