Сè повеќе Германци ѝ веруваат на вештачката интелигенција отколку на лекарите: Секој петти ги игнорира медицинските совети

Истражување на здружението за дигитална економија „Битком“ покажува дека 15 отсто од испитаниците повеќе им веруваат на чет-ботовите отколку на здравствените работници, а секој петти престанал да ги следи препораките на лекар по консултација со вештачка интелигенција.

Пациентите во Германија сè почесто користат алатки за вештачка интелигенција за да добијат информации за своето здравје, а дел од нив им веруваат дури и повеќе отколку на сопствените лекари. Ова го покажува истражување на здружението за дигитална економија „Битком“.

Според резултатите од анкетата, 15 отсто од испитаниците повеќе им веруваат на чет-ботовите засновани на вештачка интелигенција отколку на здравствените работници. Особено загрижува податокот дека секој петти учесник во истражувањето признал дека престанал да ги следи препораките на лекарот по пребарување информации со помош на вештачка интелигенција.

Кристина Рааб од „Битком“ ги повика граѓаните да бидат внимателни при користењето на овие алатки.

„Треба да се има предвид дека и вештачката интелигенција може да погреши и дека нема непосреден увид во состојбата на корисникот. Затоа никој не треба да ги занемарува советите на лекарот или пропишаната терапија само врз основа на пребарување со помош на вештачка интелигенција“, предупреди Рааб.

Сепак, довербата во чет-ботовите расте. Една третина од испитаниците, односно 33 отсто, сметаат дека тие даваат поразбирливи одговори од лекарите.

Вештачката интелигенција станува извор на здравствени информации

Пребарувањето информации за здравјето на интернет веќе е вообичаена практика за мнозинството жители на Германија. Четири од пет граѓани барем повремено пребаруваат информации за симптоми на болести или лекови, што претставува значителен пораст во однос на претходното истражување.

Сè поголем број корисници се свртуваат кон апликациите за вештачка интелигенција за полесно да ги разберат медицинските информации. Така, 45 отсто од испитаниците велат дека преку разговор со вештачка интелигенција подобро ги разбираат сопствените симптоми отколку со вообичаено пребарување на интернет. Истражувањето на „Битком“ го опфатило и користењето на електронското здравствено досие (еПА), во кое на едно место се обединети дигиталните медицински наоди, дијагнозите и податоците за лековите што ги користи пациентот.


Интересот за електронското здравствено досие расте, но многу граѓани сè уште не ги користат сите негови можности. Дури една петтина од испитаниците не знаеле ни дека поседуваат такво досие, објави германската новинска агенција ДПА.

е-Трн да боцка во твојот инбокс