Во 02:00 часот, во ноќта на 15 ноември, расправија што започнала во еден охридски дом продолжила во автомобил. Таму, според полицијата, 31-годишниот К.К. почнува да ја удира својата 26-годишна девојка и продолжува да ја удира и откако ќе го запре возилото, сè додека таа не изгуби свест и не падне. Во 05:05 тој е лишен од слобода. Во 08:50 неговата мајка пријавува во полиција дека таткото на девојката преку телефон им се заканувал на нејзиниот син и на целото семејство. Во 13:20 лишен од слобода е и таткото на девојката. Во меѓувреме, судот, на барање на обвинителството, на осомничениот му изрекува мерки на претпазливост, а кривичната пријава гласи „тешка телесна повреда“. За тоа дело законот предвидува од една до десет години затвор.

Ова е хронологијата што ја пишува институцијата: прецизна до минута, ладна и без ниту една придавка. Токму во таа прецизност лежи проблемот. Ако некој ги прочита, ќе види две приведувања, две пријави и едно судско решение, како да станува збор за две еднакви страни во ист спор. Нема да види дека едната страна лежи во болницата „Св. Еразмо“ со тешки телесни повреди, а другата си оди дома со мерки на претпазливост. Нема да ја види ниту ноќта на еден татко што ја гледа својата ќерка претепана до бесознание. Во хронологијата на институциите двата настани стојат еден до друг, во ист фонт и со иста тежина.
Мајката на Сара, во објава што ја потресе целата земја, тврди дека телефонот на нејзината ќерка бил намерно оштетен за да не може да повика помош. Тврди и дека осомничениот му се јавил на својот татко верувајќи дека таа е мртва и дека некој од неговото семејство се обидел да влијае врз медицинскиот извештај. Ова се наводи и институциите се должни да ги проверат до крај, без оглед на тоа чие презиме е во прашање.
Деталот со телефонот не е нов. Само неколку дена порано, во Богданци, 17-годишна девојка го загуби животот во случај што полицијата го третира како убиство и самоубиство, со изгорен автомобил и две мртви тела. Пред тоа, нејзиниот татко пријавил дека момчето ја тепало, дека ѝ се заканувал со смрт и дека ѝ го скршил телефонот за да не може да повика полиција. Пријава постоела, постоела и хронологија и завршила со смрт.
Телефонот може да биде една од првите работи што насилникот се обидува да ги контролира или одземе, затоа што тој е врската со надворешниот свет, можноста жената да побара помош, да повика полиција, да побегне. Затоа насилството врз жените не е низа изолирани инциденти, туку образец што постојано се повторува. Податоците на UN Women за Македонија го потврдуваат тоа: 92 отсто од сторителите на семејно насилство се мажи, речиси 80 отсто од жртвите се жени, а сегашните или поранешните интимни партнери сочинуваат 63 отсто од сите сторители.

Во 2022 година пријавите за семејно насилство биле 61 отсто повеќе отколку во 2018 година. Тоа не значи дека е задолжително повеќе насилство, туку дека повеќе жени се осмелуваат да пријават. Токму затоа е опасно кога пријавата не е проследена со заштита.
Семејството бара осомничениот да одговара за обид за убиство. Државниот јавен обвинител вели дека исказот на Сара е клучен и дека квалификацијата може да се промени. Разликата меѓу „тешка телесна повреда“ и „обид за убиство“ не е само правна нијанса. Тоа е пораката што државата ја праќа за тоа колку вредел животот на жената таа ноќ и прашање за тоа како државата го проценува ризикот по животот на жената и колку сериозно го третира насилството што го преживеала. Конечната квалификација мора да произлезе од доказите и истрагата, но тие мора да бидат темелни, брзи и ослободени од какво било влијание. Законите на хартија се добри, праксата е нешто друго.
За помалку од дваесет и четири часа, случајот престана да биде само на Сара. Владејачката партија и опозицијата се натпреваруваа во осуди, во обвинувања за заташкување поради партиски врски и во барања за одговорност. Женскиот форум на опозицијата закажа протест пред полицијата во Охрид. А тогаш семејството испрати апел што е, можеби, најважниот текст во целата приказна: благодарни се за поддршката, но во овој момент не сакаат протести, туку мир за својата ќерка и правда што ќе ја спроведат институциите.
Насилството врз жените кај нас многу брзо станува сопственост на сите: на партиите, на мрежите, на телевизиите. Единствено на неа не ѝ припаѓа. Солидарноста што не ја слуша жртвата ризикува да стане уште еден начин да ѝ се одземе гласот. Сепак, тука има и непријатен парадокс. Осомничениот повторно беше приведен дури откако јавноста се побуни. Кога институциите се раздвижуваат само под притисок, жртвите учат дека тишината не ги заштитува.
Хронологијата што мене ме интересира не започнува во 02:00 и не завршува во 13:20. Таа започнува многу порано, со првиот одземен телефон, првата забрана, првото „не претерувај“. Таа ги вклучува и сите жени што знаеле дека нешто не е во ред, но немале кому да кажат.
Во најдобар случај, таа хронологија завршува во болница. Во најлош, во изгорен автомобил во Богданци. За Сара, времето отсега нема да се мери во часови, туку во месеци закрепнување. Затоа хронологијата на институциите не смее да заврши кога ќе си заминат камерите.

