Едно од десет бебиња во светот се раѓа пред да наврши 37 гестациски недели, а предвременото раѓање е една од најголемите тивки битки на современото здравство. Според проценките на Светската здравствена организација (СЗО), во 2020 година предвреме се родиле околу 13,4 милиони бебиња. Компликациите поврзани со предвременото раѓање се водечка причина за смртност кај децата до петгодишна возраст. Во 2019 година, тие однеле околу 900.000 детски животи. Особено загрижува податокот дека околу три четвртини од овие смртни случаи можеле да се спречат со постојни и релативно евтини интервенции.
Медицината ги класифицира предвреме родените бебиња во три групи. Екстремно предвреме родени се бебињата родени пред навршената 28. гестациска недела, многу предвреме родени се оние родени меѓу 28. и 32. недела, а умерено до доцна предвреме родени се бебињата родени меѓу 32. и 37. недела. Колку порано ќе се роди бебето, толку понезрел е неговиот организам. Белите дробови најчесто не се доволно развиени за самостојно дишење, поради што респираторниот дистрес-синдром е особено чест кај овие новороденчиња. Незрелоста на мрежницата може да доведе до ретинопатија на недоносените, состојба што бара редовни скрининг-прегледи и навремен третман за да се спречи трајно оштетување на видот.
Македонија ја знае оваа тема и од нејзината најтешка страна. Во 2015 година беше забележан пораст на неонаталната смртност, а загрижувачката состојба продолжи и во следните години. Во првите три месеци од 2018 година, на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје биле родени 1.155 бебиња. Од нив, 144 биле предвреме родени и згрижени на одделението за интензивна нега, а 35 не преживеале. Тоа беше вест што ги вознемири и родителите и здравствениот систем, бидејќи покажа колку е тенка линијата меѓу животот и загубата во првите денови по раѓањето.
Оттогаш, бројките драстично се променија. Смртноста кај предвреме родените бебиња според податоците се намали од 25 проценти во 2016 година на 8,2 проценти во 2022 година, по набавката на современа опрема и вложувањата во Клиниката. Според Институтот за јавно здравје, неонаталната смртност се намалила од 7,7 промили во 2013 година на 1,2 промили во 2024 година.
Во март 2025 година, СЗО, УНИЦЕФ и УНФПА ја пофалија државата за постигнатиот напредок во преживувањето на новороденчињата, посочувајќи го намалувањето на неонаталната смртност за 87 проценти од 2015 година. Зад овие бројки стојат ажурирани клинички протоколи, подобрена реанимација на новороденчињата, превенција од инфекции, појасно дефинирани патеки за упатување и редовни анализи на секој перинатален смртен случај. Со нив се воведе и поголема одговорност во системот, која претходно недостигаше.
Сепак, постигнатиот напредок не значи дека проблемот е решен. Во 2024 година во државата починале 47 доенчиња. Кај околу една четвртина од нив причината била краткото траење на бременоста и малата родилна тежина, што покажува дека предвременото раѓање и понатаму е една од главните причини за смртност во првата година од животот. Според проценките на Светска банка, меѓу осум и девет проценти од бебињата во земјава се раѓаат со мала родилна тежина. Во земја во која бројот на новороденчиња постојано опаѓа – во првиот квартал од 2025 година биле родени само 3.526 деца, секое бебе што ќе преживее и ќе добие можност за здрав развој е прашање и на јавното здравје и на демографската иднина.
Најранливи се и оние што се најранливи во сите други области на здравствената заштита. УНИЦЕФ предупредува дека децата од сиромашни семејства, ромските деца и децата со попреченост имаат помали шанси да ги добијат потребните услуги за рана поддршка. Истражувањата на домашните здравствени работници со години укажуваат дека социјалните и економските услови влијаат врз исходот од бременоста, но државата сè уште нема прецизни податоци за обемот на тоа влијание. Превенцијата на предвременото раѓање почнува многу пред породилиштето: со достапни прегледи во текот на бременоста, патронажни посети и соодветна грижа за жените во руралните средини, кои често мора да патуваат со часови до најблиската специјализирана здравствена установа.
Можеби најмалку видливиот дел од приказната започнува кога бебето ќе излезе од болница. Токму затоа, годинава СЗО и нејзините партнери ставаат акцент на сеопфатната и квалитетна последователна грижа за предвреме родените деца. Тоа подразбира редовно следење на видот, слухот и развојот, како и навремено вклучување во програми за рана интервенција кога ќе се забележи развојно доцнење.
-Мислите дека проблемите ќе ги снема кога по долго чекање ќе излезете од болница со вашето предвреме родено бебе кое се изборило за живот, но проблемите не престануваат тука. Секој ден е нов предизвик. Исхраната, физичкиот и психичкиот развој. Го чекате моментот кога ќе почне да седи бебето а тој доцни. Доцнат и првите чекори. Барате дефектокози. Потоа логопеди за говорот. Предизвици на секој чекот и систем што не нуди многу, раскажува една мајка за Трн.
Меѓународните кампањи во последните години инсистираат и на нешто што звучи едноставно, но бара промена на воспоставените болнички практики: бебето и родителите да не се разделуваат, а контактот кожа на кожа со мајката да започне што е можно порано по раѓањето, кога здравствената состојба на бебето го дозволува тоа. Целиот товар од неделите поминати во болничките ходници, неизвесноста и подоцнежните терапии најчесто го носат мајките, неретко без соодветна и организирана психолошка поддршка.
Македонија покажа дека со силна волја, меѓународна поддршка и посветени здравствени тимови може за неколку години да се направи пресврт, од загрижувачки бројки до пример за другите. Следниот чекор е потивок и помалку фотогеничен од набавката на нов инкубатор. Тоа е создавање систем што ќе ги следи овие деца и нивните семејства и откако ќе завршат вестите за нивното преживување.
