На 17 ноември 1991 година, Собранието на Република Македонија го донесе Уставот со 92 гласа „за“. Тоа беше завршницата на процес што траеше повеќе од шест месеци и во неколку наврати се најде на работ на блокада. Последниот чин се одигра доцна навечер: седницата на која Уставот беше прогласен започна во 22 часот, а документот стапи во сила на 20 ноември 1991 година. Со него Македонија за првпат се конституираше како самостојна и суверена држава. Во преамбулата беа истакнати традициите на Крушевската Република, одлуките на АСНОМ и уставниот континуитет што државата го имаше како федерална единица.
Уставот се подготвуваше во исклучително тешки политички и безбедносни околности. Во Словенија и Хрватска веќе се водеше војна, а сè уште траеја разговорите за можно редефинирање на југословенската федерација. Македонија тргна по сопствениот пат по одржувањето на првите повеќепартиски избори. Новото Собрание беше конституирано на 8 јануари 1991 година, а на 25 јануари ја донесе Декларацијата за сувереност, со која донесувањето устав на самостојна држава стана една од основните и приоритетни задачи. Постапката формално започна на 6 мај 1991 година, кога претседателот Киро Глигоров поднесе предлог за донесување нов Устав. Малку познат детал е дека истиот ден сопствен предлог поднесе и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Подоцна се отвори и прашањето кој предлог бил поднесен прв. Архивските документи покажуваат дека предлогот на претседателот бил доставен порано, по што предлогот на ВМРО-ДПМНЕ бил повлечен.

Текстот го подготвуваше експертска група составена од професорите Љубомир Фрчковски, Владо Поповски, Лазар Китановски и Димитар Мирчев. Формален предлагач на текстот беше собраниската Комисија за уставни прашања, со која претседаваше тогашниот претседател на Собранието, Стојан Андов. Комисијата имаше 28 членови: 17 пратеници од сите пратенички групи и 11 научни и стручни работници. Меѓу надворешните членови беше и денешната претседателка на државата, Гордана Силјановска-Давкова, која тогаш за првпат влезе во Собранието.
Нацртот беше ставен на јавна расправа во периодот од 25 август до 15 септември 1991 година. Расправата се совпадна со еден од најважните политички настани во таа година, референдумот за независност. Текстот на Уставот беше објавен во повеќе дневни весници, на МРТВ се емитуваа дебатни емисии, а Уставната комисија побара мислења од МАНУ, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, стопанските комори и граѓаните. Во меѓувреме, на референдумот одржан на 8 септември, 95,3 отсто од гласачите, при излезност од 75,7 отсто, гласаа за независноста на Република Македонија.
Најострите судири се водеа околу преамбулата и членовите 1 и 2, со кои се определуваше карактерот на државата. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се залагаше Македонија да биде дефинирана како национална држава на македонскиот народ. Другите пратеници го бранеа граѓанскиот концепт, кој уште во предлогот на Глигоров беше поставен како основа на демократскиот и граѓанскиот устав. Компромисното решение предвидуваше историскиот наратив за создавањето на државата да биде содржан во преамбулата, додека во нормативниот дел носител на сувереноста да бидат граѓаните. Пратениците Албанци, од друга страна, бараа во преамбулата да не бидат наведени како националност, туку да бидат именувани како Албанци и признати како конститутивен елемент на државата. За интензитетот на расправата сведочи и бројката: на предлог-текстот биле поднесени 441 амандман, од кои Комисијата прифатила 52.

Последните денови пред донесувањето беа најнапнати. Комисијата го разгледуваше предлогот на седниците на 9, 11, 14, 15 и 16 ноември. Седницата на Собранието од 14 ноември беше прекината поради опасност од блокада, а пред зградата се собраа симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ и граѓани кои бараа државата да биде дефинирана исклучиво како национална. На 15 ноември пред пратениците се обрати претседателот Глигоров, по што атмосферата се смири и работата продолжи. Пратениците Албанци, кои во текот на целиот процес учествуваа во расправите, на крајот не гласаа за Уставот. Сметаа дека не им е обезбеден статусот што го очекуваа, особено во однос на употребата на албанскиот јазик.
Уставот почна да се менува речиси веднаш по неговото донесување. Првите измени беа усвоени уште на 6 јануари 1992 година. Амандманите I и II се однесуваа на границите и на односот кон македонското малцинство во соседните држави, а беа донесени под притисок на Грција и на меѓународните фактори. Само пет дена подоцна, на 11 јануари 1992 година, Арбитражната комисија, позната како Бадентерова комисија, го објави Мислењето бр. 6 за признавањето на Република Македонија од страна на Европската заедница. Комисијата оцени дека Македонија ги исполнува условите за признавање. Покрај Словенија, таа беше единствената поранешна југословенска република што доби таква оценка.
Во следните децении Уставот претрпе значајни промени. Амандманите IV–XVIII, донесени по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор во 2001 година, ги изменија и преамбулата и одредбите што се однесуваат на јазиците. Името на државата беше сменето по Преспанскиот договор, кога Собранието на 11 јануари 2019 година ги донесе амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI.
Така, текстот од 1991 година денес има вкупно 36 амандмани. Изменети се и одредби што беа предмет на критики уште од самиот почеток, меѓу кои и првичната одредба според која притворот можеше да трае најмногу 90 дена. Дебатата за тоа дали Уставот треба и понатаму да се надградува со амандмани или, пак, е време за изработка на нов, интегрален текст, повторно се отвора секогаш кога на дневен ред ќе се најдат нови уставни измени.
