ЕУ му покажа жолт картон на „Тему“: Се соочува со уште една милионска казна

Европската комисија утврди дека платформата не презема доволно мерки за спречување продажба на незаконски производи. Ако прелиминарните наоди бидат потврдени, казната може да достигне шест отсто од годишниот глобален промет на компанијата

Европската Унија го обвини кинескиот гигант за електронска трговија „Тему“ дека не прави доволно за да спречи продажба на незаконски производи преку својата платформа, со што ги прекршува европските правила за дигитални услуги. Компанијата би можела да се соочи со уште една висока парична казна.

Европската комисија оцени дека мерките што ги презема „Тему“ не се доволни. Меѓу недостатоците ги посочува неефикасните контроли за проверка на усогласеноста на производите со законските барања, слабиот систем за модерирање на содржините и неефикасниот систем за санкционирање.

Од „Тему“ соопштија дека не се согласуваат со прелиминарните наоди на Комисијата и дека вложуваат значителни напори за намалување на ризиците поврзани со незаконските производи. Компанијата најави дека ќе подготви одговор до европските институции и изрази уверување дека може да се постигне решение.

Комисијата потврди дека „Тему“, кој е во сопственост на компанијата ПДД Холдингс, има право да се брани и да одговори на прелиминарните наоди. Ако тие бидат потврдени, Комисијата може да донесе одлука дека компанијата не ги почитува европските правила. Во тој случај, казната може да достигне до шест отсто од нејзиниот годишен глобален промет. Тоа би била втора ваква казна за „Тему“, по глобата од 200 милиони евра изречена во мај годинава, во рамките на првата фаза од истрагата што беше покрената пред две години врз основа на Законот за дигитални услуги.

Претходната казна се однесуваше на пропустот на компанијата да ги процени ризиците од продажбата на незаконски производи преку платформата. Новите обвинувања се однесуваат на тоа што не презела соодветни мерки за да ја спречи таквата продажба. Минатиот месец Европската комисија го прифати акцискиот план на „Тему“ за отстранување на проблемите поради кои беше изречена претходната казна.

Платформата, заедно со „Шеин“ и други компании за електронска трговија, е опфатена и со одлуката на ЕУ за воведување надомест од три евра за пратките со мала вредност што пристигнуваат преку онлајн-трговија. Мерката е во сила од јули годинава.


Досега пратките со вредност помала од 150 евра влегуваа на територијата на Европската Унија без плаќање царина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс