Вештачката интелигенција веќе го менува начинот на кој се откриваат и развиваат нови лекови. Некои од најголемите светски фармацевтски компании успеале да го преполоват времето потребно за создавање нови молекули и нивно преминување во фаза на клинички испитувања, а во следните пет години процесот би можел да се забрза и до двапати.
Според процените на индустријата, во следните две години вештачката интелигенција би можела да го скрати времето за рано откривање лекови за 20 до 25 отсто, а во период од пет години и до 50 отсто. Ова би можело да се примени во повеќе од 100 програми за развој на лекови.
Компаниите „ГСК“, „Бристол Мајерс Сквиб“, „Новартис“, „Ели Лили“, „Ново Нордиск“, „АстраЗенека“ и „Санофи“ веќе ја користат технологијата многу пошироко од почетните примени, како подготовка на регулаторна документација. ВИ-системите сега им помагаат да дизајнираат молекули, да ги избираат најперспективните кандидати и да откриваат потенцијални безбедносни ризици.
Од 15 години развој до побрзи резултати
Развојот на нов лек традиционално е долг и скап процес. Речиси девет од десет лекови развиени со конвенционални методи не успеваат да ги поминат клиничките испитувања. Според фармацевтската лобистичка организација „Фарма“, пуштањето нов лек на пазарот може да чини милијарди долари и да трае од 10 до 15 години.
Научниците во фармацевтските компании тврдат дека примената на вештачката интелигенција веќе носи конкретни резултати.
Во „Новартис“, просечното време од почетокот на истражувачки проект до добивањето кандидат за лек е намалено од три години на период од 18 месеци до две години. ВИ-алатките ѝ помогнале на компанијата да идентификува и пет приоритетни цели за развој на терапии против бубрежни заболувања.
„Санофи“, пак, заштедила најмалку една година во развојот на експерименталниот лек за астма лунсекимаг. Со помош на вештачката интелигенција, компанијата успеала раните биолошки сознанија да ги претвори во клинички одлуки и да прескокне една студија за избор на соодветна доза.
Во „Бристол Мајерс Сквиб“ велат дека еден од кандидатите за лекување српеста анемија не би бил развиен без нивните ВИ-системи. Тие се користат за подобрување на молекулите и симулирање резултати врз основа на податоци од испитувањата, со цел да се утврди кои кандидати имаат најголем потенцијал за понатамошен развој.
Следниот чекор е поврзување на овие модели со автоматизирани лаборатории, што би овозможило побрзо производство и тестирање на поквалитетни молекули.
„Ново Нордиск“ успеала да го намали времето за еден циклус на дизајнирање, производство и тестирање нови молекули од осум на четири недели.
„Антропик“ влегува во трката за нови лекови
И покрај забрзувањето на истражувањата, бројот на лекови развиени со помош на вештачка интелигенција што стигнале до клинички испитувања расте постепено. Во март, истражувачите идентификувале 129 кандидати за лекови во 69 компании, во споредба со околу 117 кандидати осум месеци претходно. Поголемиот дел од програмите сè уште се во рана фаза.
Во оваа област сè поактивно влегува и технолошката компанија „Антропик“, која во текот на годинава отвори сопствена лабораторија и најави нови инвестиции за примена на вештачката интелигенција во откривањето лекови.
Компанијата развива решенија самостојно, но и во партнерство со фармацевтски производители, меѓу кои е и „Бристол Мајерс Сквиб“. Таа го претстави и „Клод Сајенс“ – софтвер базиран на вештачка интелигенција наменет за научни истражувања.
Дополнително, во управниот одбор на „Антропик“ беше назначен Вас Нарасимхан, извршен директор на „Новартис“. И други фармацевтски компании, меѓу кои и „Ново Нордиск“, го користат „Клод Сајенс“ во своите истражувачки и развојни активности.
Сепак, односот кон технолошките компании не е ист во целиот фармацевтски сектор. „ГСК“ ја гледа „Антропик“ како нов конкурент, додека „Бристол Мајерс Сквиб“ и „Ново Нордиск“ повеќе ја третираат како потенцијален партнер.
Фармацевтските компании, сепак, внимателно ги чуваат своите податоци. Од „Ново Нордиск“ наведуваат дека не ги споделуваат сопственичките лабораториски податоци со компаниите што развиваат напредни модели на вештачка интелигенција за тие да ги користат при тренирањето на системите. Истата политика ја применува и „Санофи“.
Така, вештачката интелигенција не само што го забрзува развојот на нови терапии туку отвора и нова конкуренција во фармацевтската индустрија – меѓу компаниите што со децении ги развиваат лековите и технолошките гиганти што сега сакаат да станат дел од тој процес.
Извор: „Мрежа“ (Буг), според Ројтерс.
