Автомобил од марката „југо“, произведен во 1986 година, беше продаден за дури 50.000 американски долари на американската аукциска платформа „Бринг а Трејлер“. Ретко сочуваниот примерок привлече 37 понуди и повеќе од 19.000 прегледи, а наддавањето заврши на 17 ноември. Победник беше корисникот со име Ricrocs. Високата цена за модел кој ретко се поврзува со колекционерски автомобили се должи пред сè на неговата исклучителна сочуваност и речиси никаква употреба. Според механичкиот километражник, автомобилот поминал само 195 километри во изминатите 40 години.

Четири децении кај истиот сопственик
Според огласот, автомобилот како нов го купил Џејмс Г. Робинсон, поранешен филмски продуцент познат по филмовите „Ејс Вентура“ и „Последниот Мохиканец“. Тој го задржал во своја сопственост цели четири децении, без автомобилот некогаш да ја добие својата прва регистрација.
Извештајот на сервисот „Карфакс“ не бележи сообраќајни несреќи или оштетувања. Надворешноста сведочи за долгогодишно чување во затворен простор. Каросеријата е во бела боја „Сноу Вајт“, со странични лајсни украсени со црвени детали и препознатлив отвор за воздух на хаубата.
Од опремата се издвојуваат левиот страничен ретровизор, кровниот носач, задните странични прозорци на преклопување и задниот бришач – детали што денес можеби изгледаат необично, но се дел од оригиналната опрема на автомобилот. Возилото има и сребрени челични бандажи со гуми „Тигар ТГ 605“, а резервното тркало е сместено во моторниот простор.
Клима-уред вграден во 1987 година
Внатрешноста е опремена со предни седишта и задна клупа обложени со сива ткаенина, без видливи траги од користење. Меѓу дополнителната опрема се наоѓа и клима-уред од марката „Фриџет“, вграден во октомври 1987 година, како и АМ/ФМ радиокасетофон, предни прозорци на преклопување, грејач на задното стакло и покривка за багажниот простор.
Под хаубата се наоѓа 1,1-литарски четирицилиндричен мотор со 55 коњски сили и 70 њутнметри вртежен момент. Моќноста се пренесува на предните тркала преку четиристепен рачен менувач. Автомобилот има предни диск-сопирачки со серво-поддршка, задни барабан-сопирачки и целосно независна суспензија.
Аукција што ги подели колекционерите
Продажбата за 50.000 долари предизвика бројни реакции меѓу следбениците на платформата. Под аукцијата биле објавени 134 коментари, а дел од учесниците ја опишале трансакцијата како една од најневеројатните што ги виделе на „Бринг а Трејлер“.
Некои ја споредиле цената со настан од „Зоната на самракот“, додека други се пошегувале дека осигурителните компании тешко би прифатиле да проценат едно „југо“ на 50.000 долари. Сепак, дел од коментаторите посочиле дека овој примерок е исклучителен токму затоа што успеал да остане речиси недопрен по четири децении.
