Нова пресметка од 1 јануари: Кој ќе плаќа повеќе за струја и парно, а кој помалку?

Од Нова година се подготвува промена на мрежарината со која штедливите домаќинства ќе добијат помали сметки, додека големите потрошувачи ќе плаќаат повеќе.

Домаќинствата од 1 јануари ги очекува корекција на цената на електричната енергија од 2 до 3 проценти, додека парното греење ќе поскапи за 6 до 8 отсто. Новите тарифи за регулираните енергетски дејности ќе бидат донесени до крајот на годината, при што се подготвува и нов модел за пресметка на мрежарината кој ќе ги заштити домаќинствата со помала потрошувачка, а ќе го зголеми товарот за потрошувачите што трошат по 3.000, 4.000 или 5.000 киловат-часови месечно.

Одлуките за новите цени на енергенсите треба да се официјализираат до крајот на годинава, по завршувањето на анализите на финансиските и техничките барања што енергетските компании веќе ги доставија. Овие проекции ги соопшти претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Ацо Ристов, во интервју за емисијата „Тема на денот“ на телевизија Сител.

Корекцијата кај електричната енергија се однесува на универзалниот снабдувач, чија крајна цена се формира од три компоненти: пренос на електрична енергија, дистрибуција и снабдување. Иако енергетските компании побарале значителни зголемувања поради движењата на пазарот и трошоците за енергенси, нивните барања нема да бидат целосно прифатени.

Електропреносниот систем МЕПСО побарал зголемување на својот дел од тарифата за дури 97 проценти. Сепак, тарифата за пренос на електрична енергија нема да се зголеми.

Анализите покажуваат дека најавеното намалување на протокот на енергија во 2027 година се однесува исклучиво на транзитните услуги низ земјава, а не на вкупната потрошувачка во државата. Поради тоа, компонентата на МЕПСО останува непроменета во пресметките за крајната сметка на граѓаните.

Клучниот притисок врз крајната цена на струјата доаѓа од дистрибутивната мрежа, каде што загубите изнесуваат од 11 до 12 проценти. За нивно покривање, 70 проценти од потребната енергија се обезбедува преку домашното производство на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) по договорена цена, додека преостанатите 30 проценти дистрибутерот ги набавува на слободниот пазар.

На пробната аукција за покривање на загубите била понудена цена од 380 евра за мегават-час, поради што постапката била поништена. Како алтернатива е предложен модел според кој ЕВН ќе може да ја откупува електричната енергија произведена од домашните обновливи извори што се дел од државното производство, со цел да се избегне ценовен удар врз сметките.

Кај универзалниот снабдувач, 70 проценти од енергијата што ја обезбедува ЕСМ е договорена по цена од 65 евра за мегават-час, а останатите 30 проценти по околу 76 евра. Врз основа на овие влезни параметри, очекуваното зголемување на крајната цена на струјата за домаќинствата изнесува од 2 до 3 проценти.

Паралелно со ценовните корекции, се подготвува промена во начинот на пресметување на мрежарината. Сегашниот систем предвидува сите домаќинства да плаќаат ист паушален износ за пристап до мрежата, независно од нивната реална потрошувачка.

Новиот модел предвидува фиксниот дел од мрежарината да биде понизок, додека преостанатиот дел директно да зависи од потрошените киловат-часови. Ваквата распределба ќе донесе помали сметки за домаќинствата со ниска потрошувачка и за граѓаните во категоријата на енергетска сиромаштија. Спротивно на тоа, домаќинствата со екстремно висока потрошувачка од 3.000, 4.000 или 5.000 киловат-часови ќе плаќаат повисок износ.

Кај топлинската енергија, компаниите доставиле барања за зголемување на цената од 45 до 50 проценти, повикувајќи се на поскапувањето на природниот гас и зголемените трошоци за производство. Ваквото барање е оценето како неприфатливо, па наместо драстичен скок, проекциите се дека сметките за парно греење од 1 јануари ќе се зголемат од 6 до 8 проценти.


Во однос на нафтените деривати, падот на берзанските цени во последниот период овозможува постепено враќање на акцизата и даночните зафаќања. На долг рок, стратешкиот фокус за намалување на зависноста од увозни фосилни горива е насочен кон забрзана замена со електрични возила и развој на е-мобилноста.

е-Трн да боцка во твојот инбокс