По 167 години, истовремено пристигнаа два доказа математичка хипотеза – еден со AI, друг по 12 години човечка работа

Математичарот на Anthropic, Левент Алпоге, објави доказ креиран со помош на моделот Claude, а истражувачот од Стенфорд, Алесандро Масуло, претстави чисто човечко решение.

Математичката заедница се соочува со два одвоени доказа за Римановата хипотеза, еден од најпознатите нерешени проблеми во науката поставен пред 167 години. Математичарот Левент Алпоге, вработен во компанијата Anthropic, во петокот објави формализиран доказ развиен со помош на AI моделот Claude. Речиси истовремено, претседателот на Американската математичка асоцијација, Рави Вакил, објави нацрт-доказ за Општата Риманова хипотеза напишан исклучиво од постдокторандот на Стенфорд, Алесандро Масуло, без употреба на вештачка интелигенција.

Римановата хипотеза, формулирана во 1859 година од германскиот математичар Бернхард Риман, претставува еден од седумте Милениумски наградни проблеми на Математичкиот институт Клеј. Таа тврди дека постои скриена структура зад распоредот на простите броеви, кои се градежни блокови на аритметиката и основа на модерната криптографија. Нејзиното решавање носи награда од еден милион долари и претставува пресвртница за теоријата на броеви.

Левент Алпоге, кој работи во frontier AI лабораторијата Anthropic во неделата кога компанијата стана првата јавно тргувана лабораторија од ваков тип на берзата, му пишал на извршниот директор Дарио Амодеи за да се консултира како да го објави откритието. Алпоге развил решение за Римановата хипотеза кое се компајлира во Lean, програмски јазик со отворен код кој се користи за автоматска математичка верификација на докази.

Во својот есеј по повод објавата, Алпоге го опиша процесот како интензивна соработка со моделот Claude, наведувајќи дека вештачката интелигенција му помогнала да ги поврзе деловите од аргументот пред самата завршница. Тој призна дека доказот во сегашната форма сè уште нема целосно разбирливо човечко објаснување, но одлучил да го објави веднаш поради својата долгогодишна опсесија со проблемот. Алпоге и математичарот од Универзитетот во Њујорк (NYU), Тристан Бакмастер, исто така објавија и нов доказ поврзан со равенките на Навје-Стокс, уште еден проблем од листата на Милениумските награди.

Непосредно по објавата на Алпоге, професорот на Универзитетот Стенфорд и претседател на Американската математичка асоцијација, Рави Вакил, го сподели трудот на постдокторандот Алесандро Масуло. Станува збор за доказ на Општата Риманова хипотеза, кој според Вакил е целосно човечко дело, без никаква асистенција од вештачка интелигенција.

Првичниот план на Вакил бил да го донесе Масуло на Стенфорд на една година за да го доработи стилот на трудот и да го помине низ рецензија кај колеги пред официјалната објава, но развојот на настаните ги натерал веднаш да го објават тековниот нацрт. Во воведот на својот труд, кој е резултат на дванаесетгодишно истражување, Масуло им упати директна порака на математичарите обесхрабрени од темпото на технолошкиот развој.

„Ако ова дело треба да испрати каква било порака до математичарот кој се чувствува обесхрабрен од темпото и тонот на актуелната клима, таа е следнава: сè уште сме тука. Многу сме живи. Не одиме никаде“, напиша Масуло во воведот на својот труд.

Иако објавите предизвикаа силни реакции на специјализираните форуми како Zulip, верификацијата на ваквите докази бара месеци, а понекогаш и години експертска анализа. Крис Бирбек, теоретичар на броеви на Универзитетот Источна Англија, посочи дека доказот на Алпоге користи напредни техники од современата алгебарска геометрија, вклучувајќи Галоа репрезентации и автоморфни форми.


Повеќето експерти сметаат дека формализираниот дел во системот Lean веројатно ќе ја издржи техничката проверка, но преведувањето на машински верификуваниот код во логика разбирлива за луѓето останува главен предизвик кој Алпоге вети дека ќе го заврши во наредниот период.

е-Трн да боцка во твојот инбокс