Министерството за внатрешни работи (МВР) веднаш по приемот на секоја пријава за семејно насилство ќе го известува надлежното јавно обвинителство. Ова е главната мерка договорена на работниот состанок во Јавното обвинителство меѓу јавниот обвинител Ненад Савески, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, со цел обезбедување навремена заштита на жртвите и поефикасно гонење на сторителите.
Новиот протокол предвидува координирано дејствување уште од моментот на пријавување на насилството. Наместо одвоени и бавни бирократски процедури, јавниот обвинител директно ќе ја води работата на тим составен од полициски инспектори и стручни лица од центрите за социјална работа.
Трите институции ќе определат и посебни контакт-лица. Тие ќе бидат постојано достапни за меѓусебна комуникација, координација на терен и давање итни насоки во реално време. Постапувањето ќе се одвива според стандардизирани процедури со јасно утврдени надлежности и одговорности за секој вклучен службеник.
Еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат жртвите на семејно насилство е долгото чекање за документирање на повредите и прибирање докази, што често ги одвраќа од натамошно гонење на насилниците. Со договорените чекори се предвидува итно обезбедување вештачења за евентуалните повреди, навремена процена на ризикот по безбедноста на жртвата и веднаш прибирање на релевантните докази.
Целта на ваквата постапка е побрзо донесување обвинителски одлуки и итно покренување постапки против сторителите. Од институциите очекуваат дека зајакнатата меѓусебна соработка ќе овозможи навремено згрижување на жртвите и нивна физичка заштита уште во првите часови по пријавата.
