Дали просторот и времето се само илузија? Физичарите трагаат по скриената структура на универзумот

Црните дупки, квантната механика и експериментите со ултрапрецизни ласери отвораат можност простор-времето да не е основата на реалноста, туку да произлегува од нешто подлабоко што сè уште не го разбираме.
{"shape": [8800, 8800, 3]}

Секое наше искуство, секое движење и секој момент од животот се одвиваат во просторот и времето. Нивното постоење ни изгледа толку очигледно што ретко се прашуваме што се тие всушност. Повеќе од еден век физиката се потпира на претпоставката дека простор-времето, четиридимензионалното ткиво на универзумот, е една од основните компоненти на реалноста.

Но, што ако просторот и времето не се основата на постоењето, туку производ на некоја подлабока реалност која сè уште не можеме да ја разбереме? Истражувањата на црните дупки, квантните компјутери и експериментите со ласери со исклучително висока прецизност наведуваат сè повеќе физичари да ја истражуваат оваа можност.

„Можете да создадете простор од теорија во која просторот не постои“, вели Џеф Форшо, професор по физика на честички на Универзитетот во Манчестер.

Две теории што сè уште не можат да се спојат

Физиката со децении се соочува со една фундаментална противречност.

Општата теорија на релативноста на Алберт Ајнштајн објаснува како материјата и енергијата го закривуваат простор-времето, а таа закривеност ја доживуваме како гравитација. Од друга страна, квантната механика го опишува однесувањето на природата во микроскопскиот свет на атомите и субатомските честички.

Двете теории се исклучително успешни во своите области, но сè уште не можат да се обединат во единствен, доследен теоретски модел. Противречноста станува особено очигледна во екстремни услови, како во центарот на црните дупки или во првите делови од секундата по Големата експлозија.

Едно од можните објаснувања е дека едната или двете теории се нецелосни. Но, некои физичари разгледуваат и поинакво сценарио: можеби проблемот е во заедничката претпоставка дека простор-времето е фундаментален елемент на универзумот.

Ниту една од овие теории не објаснува од каде потекнува простор-времето или зошто универзумот има три просторни и една временска димензија.

Дали простор-времето е како водата?

Теоретскиот физичар Лејтам Бојл од Универзитетот во Единбург користи едноставен пример за да ја објасни оваа хипотеза – водата. Со голо око, водата изгледа како непрекината и хомогена супстанција. Во реалноста, таа е составена од безброј молекули кои не можеме да ги видиме без соодветни инструменти. Можеби нешто слично се случува и со простор-времето. Тоа изгледа мазно и непрекинато, но можеби само затоа што не можеме да го набљудуваме со доволно прецизни инструменти.

„Изгледа мазно и непрекинато, но само затоа што не можеме да го набљудуваме со доволно моќен микроскоп“, објаснува Бојл.

Досега нема директни докази за постоењето на такви микроскопски компоненти на простор-времето, но некои од најинтригантните индиции доаѓаат од истражувањето на црните дупки.

Во 1970-тите, физичарите Џејкоб Бекенштајн и Стивен Хокинг покажаа дека црните дупки имаат температура и ентропија. Ентропијата е поврзана со бројот на различни микроскопски состојби што можат да произведат исти макроскопски својства на еден систем.

Фактот дека црните дупки имаат ентропија отвора клучно прашање: дали и самото простор-време се состои од микроскопски градежни блокови кои сè уште не ни се познати?

Универзумот како холограм?

Друга фасцинантна хипотеза е поврзана со таканаречениот информациски парадокс на црните дупки. Според квантната механика, физичката информација не може да биде уништена. Но, ако црните дупки постепено испаруваат, како што предложил Хокинг во 1974 година, што се случува со информациите за сè што некогаш влегло во нив?

Откритието дека ентропијата на црната дупка е пропорционална на површината на нејзиниот хоризонт на настани, а не на нејзиниот волумен, довело до формулирање на таканаречениот холографски принцип. Слично како што тридимензионална слика може да биде кодирана на дводимензионална површина, така и информациите содржани во одреден дел од просторот би можеле да бидат кодирани на неговите граници.

Во 1997 година, теоретскиот физичар Хуан Малдесена математички ја развил оваа идеја, покажувајќи дека теорија со повеќе димензии, која вклучува гравитација, може да се преслика во квантна теорија со помалку димензии, без гравитација.

Физичарот Марк Ван Рамсдонк од Универзитетот во Британска Колумбија ја објаснува идејата со аналогија со видеоигра. На екранот гледаме тридимензионален свет со објекти, движење и физички правила, но во меморијата на компјутерот тој свет постои како кодирана информација.

На сличен начин, простор-времето би можело да „изникне“ од подлабока структура на квантни информации.

Во потрага по докази во лабораторија

Со години, експерименталното истражување на овие теории се сметало за речиси невозможно. Денес, научниците развиваат различни методи за да пронајдат докази за можната квантна природа на простор-времето. Експериментите со ласери, како проектите GQuEST и QUEST, се обидуваат да детектираат микроскопски флуктуации во растојанијата што ги поминува светлината, кои би можеле да бидат поврзани со структурата на простор-времето.

Други експерименти користат атоми или нанокристали од дијаманти за да ја проучуваат врската меѓу гравитацијата и квантните феномени.

Посебни можности нудат и квантните компјутери. Во 2022 година, истражувачите го искористија квантниот процесор „Сикамор“ (Sycamore) на „Гугл“ за симулација на однесувањето на теоретска црвоточина, односно Ајнштајн-Розенов мост. Поновите експерименти покажуваат дека научниците можат лабораториски да истражуваат математички врски меѓу геометријата на простор-времето и квантната испреплетеност. Сепак, овие резултати сè уште не докажуваат дека простор-времето во нашиот универзум навистина произлегува од квантни информации.

Што всушност значи „постоење“?

Секој од овие експерименти истражува различен аспект на односот меѓу гравитацијата и квантната физика. Ниту еден од нив самостојно не може да докаже дека простор-времето произлегува од нешто подлабоко. Но, комбинирани, тие би можеле да им помогнат на научниците да разберат кои теории навистина одговараат на реалноста. Такво откритие би отворило прашања што ги надминуваат границите на физиката и навлегуваат во самата суштина на постоењето.

„Ако ви кажам дека просторот не постои, тогаш навистина се поставува прашањето што воопшто значи да постоиш“, заклучува Форшо.


Како можеме да зборуваме за нешта ако не постои простор во кој би ги сместиле?

е-Трн да боцка во твојот инбокс