Германскиот автомобилски гигант „Фолксваген“, кој се соочува со сериозни деловни проблеми, во преговорите со синдикатот ИГ Метал бара укинување на 35-часовната работна недела, замрзнување на платите до 2028 година и укинување на дел од додатоците за вработените.
Според списокот со барања што компанијата го објавила во четвртокот, управата сака целосно да го укине и месечниот додаток од 167 евра, додека другите бонуси и дополнителни исплати би биле значително намалени.
„Во центарот на колективните преговори мора да биде значително намалување на трошоците за труд“, порачаа од „Фолксваген“, додавајќи дека дополнителните мерки се неизбежни за компанијата да остане конкурентна.
Повеќе работа без повисока плата, помалку работа со помали примања
Освен намалувањето на платите и додатоците, преговорите опфаќаат и продолжување и пофлексибилно одредување на работното време. „Фолксваген“ бара работното време во иднина да се приспособува на деловните потреби и обемот на производството.
Компанијата предлага модел според кој продолжувањето на работното време не би значело соодветно зголемување на платата, додека во случај на намалување на бројот на работни часови, примањата на вработените би се намалувале пропорционално.
Тоа би значело дека работниците кои би работеле повеќе часови нема да добиваат дополнителна надокнада, додека оние кои би работеле помалку би морале да прифатат и помала плата. Керстин Шолц, која заедно со Франк Ишнер ја претставува „Фолксваген“ во колективните преговори, изјави дека разговорите ќе опфатат и подготвеност за промени, како и пофлексибилно распоредување на вработените.
Според неа, деловните услови на германскиот производител значително се влошиле.
„Затоа мораме побрзо да реагираме, како во реструктурирањето на компанијата, така и во приспособувањето на структурата на трошоците“, порача Шолц.
Синдикатот бесен: „Каталог на ужаси“
Барањата на „Фолксваген“ предизвикаа остри реакции кај претставниците на работниците. Синдикатот ИГ Метал ги нарече „каталог на ужаси“, обвинувајќи ја управата дека се обидува драстично да ги влоши условите за работа.
„Управата на Фолксваген им заби нож во грб на своите вработени“, изјави главниот преговарач на синдикатот, Торстен Григер.
Тој предупреди дека компанијата се наоѓа пред сериозен внатрешен конфликт, чии размери, според него, работодавачот сè уште не ги разбира.
„Ова нема да биде бура во чаша вода што ќе се смири до крајот на годината. Ќе биде долг, огорчен и исцрпувачки конфликт, кој ќе остави длабоки последици врз компанијата“, предупреди Григер.
Според него, спорот не се однесува само на колективните договори или поединечните барања на управата, туку ги засега и основните права на работниците и нивните претставници.
„Станува збор за прашањето дали правото на работниците да учествуваат во одлучувањето во Фолксваген ќе опстане или управата верува дека може да го укинува по сопствено наоѓање“, заклучи синдикалниот преговарач.
Претседателката на Советот на вработените во „Фолксваген“, Даниела Кавало, порача дека работниците го исполниле својот дел од договорот постигнат во декември 2024 година. Сепак, таа изјави дека сега се чувствува измамена и дека повеќе нема доверба во раководството на компанијата.
„Нивните ветувања очигледно веќе ништо не вредат. Доволно е да се споменат идните производи и проектот Гејмчејнџер“, изјави Кавало.
Производствениот концепт „Гејмчејнџер“ (Gamechanger) беше дел од колективниот договор од 2024 година и предвидуваше, меѓу другото, примена на големи ливени делови во производството на автомобили. „Фолксваген“ неодамна се откажа од проектот.
Десетици илјади работни места под закана
Групацијата „Фолксваген“ се наоѓа во длабока криза. Во третото тримесечје забележа загуба од 5,9 милијарди евра, најголема од избивањето на аферата со манипулации со емисиите на штетни гасови кај дизел-моторите пред повеќе од десет години.
Компанијата е особено погодена од падот на работењето на кинескиот пазар и царините што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп. Дополнителен притисок создава и преминот кон електрични возила во Европа, кој ги намалува профитните маржи. Тие кај електричните автомобили се значително пониски отколку кај возилата со мотори со внатрешно согорување. Извршниот директор на групацијата, Оливер Блуме, започна обемна програма за штедење и реструктурирање на работењето. Во рамките на мерките, ширум светот би можеле да бидат укинати неколку десетици илјади работни места, додека долгорочниот опстанок на производството во четири германски фабрики е доведен во прашање.
Но, додека управата бара намалување на трошоците за труд, синдикатот ИГ Метал во преговорите бара зголемување на платите од пет отсто. Барањето е усогласено со синдикалните барања во пошироките колективни преговори за германската метална и електроиндустрија.
Преговорите траат со недели, но моментално се во застој и нема сигнали дека договорот би можел наскоро да биде постигнат.
Поради тоа, од петок се најавени целодневни предупредувачки штрајкови, први од ваков вид во последните осум години. Со нив, меѓу другите, би требало да бидат опфатени и производствените погони на БМВ, Ауди и Порше.
