Недостиг на железо е најчестиот недостиг на хранливи материи во светот и погодува повеќе од милијарда луѓе. Сепак, многумина и не знаат дека немаат доволно железо. Ова не се однесува само на болните, туку и на луѓе што инаку се сметаат за здрави.
Железото, кое се наоѓа во црвеното месо, гравот, сушеното овошје и други намирници, е минерал што има клучна улога во организмот. Тоа е потребно за создавање на хемоглобинот, белковината во црвените крвни зрнца што го пренесува кислородот, и на миоглобинот, кој ги снабдува мускулите со кислород. Железото е потребно и за производство на енергија, за имунитетот, за растот и за развојот на мозокот.
Кога организмот не внесува или не задржува доволно железо, може да се јават замор и тешкотии со концентрацијата, а понекогаш и никакви симптоми. Како што се трошат резервите, недостигот може да премине во анемија, кога крвта потешко го пренесува кислородот низ телото, што може да доведе до сериозни компликации. Стручњаците потсетуваат дека од недостиг на железо ретко се умира, но неговото влијание во светот е огромно, бидејќи без доволно железо нема ни доволно енергија.
Некои групи се поизложени на ризик, како тинејџерките и жените со обилни менструации. На бремените жени и на бебињата во утробата, како и на доенчињата и децата, им треба дополнително железо за раст и развој, кое исхраната не секогаш може да го обезбеди. Кај постарите луѓе недостигот може да се должи на крвавење во цревата или на хронични болести. Студија од 2022 година покажала дека тој е доста чест и кај релативно здравите постари луѓе во Европа, а најголем ризик имаат луѓето над 80 години во Австрија и Португалија.
Недостигот може да го предизвика и исхрана со малку црвено месо или други намирници богати со железо. Ризик имаат и честите крводарители, иако тие обично се тестираат пред секое давање крв.
Голем дел од луѓето со недостиг на железо не се дијагностицираат веднаш. Симптомите се нејасни и не се карактеристични само за оваа состојба, а недостигот се развива постепено. На социјалните мрежи последниве месеци популарно е тврдењето дека недостигот се гледа на лицето, преку бледа кожа и проретчена коса. Стручњаците велат дека тоа нема клиничка вредност, но е добро ако трендот поттикне луѓето со симптоми да се тестираат.
Рутинските проверки за недостиг на железо се ретки дури и кај ризичните групи. Во бременоста, на пример, редовно се мери хемоглобинот, но тој се менува дури во доцна фаза. Затоа стручњаците советуваат да се мери и феритинот, белковината што го складира железото, бидејќи тој најрано покажува промени.
Американското здружение за хематологија во септември донесе нови насоки според кои кај возрасните, бремените жени и жените што имаат менструација дијагнозата треба да се поставува кога феритинот е 30 микрограми на литар или помалку, наместо досегашните 15. Ова се совпаѓа со препораките на Европската организација за Кронова болест и колитис. Сепак, во светот сè уште нема согласност за точната гранична вредност.
Ниту феритинот сам по себе не го открива секој случај. Воспалението во телото може да го зголеми феритинот дури и кога резервите на железо се ниски, па луѓето со хронични воспалителни болести, како хроничната бубрежна болест, може да имаат недостиг и при феритин до 100 микрограми на литар.
Недостигот најчесто може да се надомести со додатоци, но само ако се открие и отстрани неговата причина. Додатоците може да предизвикаат запек и болки во стомакот, а премногу железо е опасно. Многу високите дози може да бидат и смртоносни, особено за децата. Затоа стручњаците предупредуваат дека додатоци со железо не треба да се земаат без претходно поставена дијагноза.
