Билјана Тануровска-Бљаце: Директори како никулци на уште една партизирана пролет во културата

Независната сцена опстојува со несигурно финансирање и неплатен труд, додека јавните институции сè повеќе се затвораат, вели Тануровска. За Трн зборува за партизацијата на културата, работничките права и условите што им се потребни на младите уметници за да останат тука.

Повеќе од две децении работа, меѓународни соработки и нови генерации уметници, а сè уште истата неизвесност пред секој следен проект. Така Билјана Тануровска-Бљаце ја опишува положбата на независната културна сцена во Македонија. Од основањето на „Локомотива“ во 2003 година, вели таа, направени се само мали поместувања во работничките права, недоволни за трудот во културата да добие соодветна вредност и сигурност.

Повод за разговорот е ППф 2026, а прашањата што ги отвора фестивалот се испреплетуваат со секојдневието на луѓето што ја создаваат културата. Кој добива поддршка и простор за работа? Како партиските назначувања ја обликуваат програмата на јавните институции? И каква иднина може да очекува млад уметник кога неговите поискусни колеги со години работат во несигурни услови?

Тануровска зборува и за „Другиот споменик“, проект што го преиспитува наследството на „Скопје 2014“ и видливоста на жените, транс лицата и лицата со попреченост во јавниот простор. Низ разговорот, прашањето кому му припаѓа културата постојано се враќа преку конкретни проблеми: пристапот до институциите, вреднувањето на трудот и правото секој да биде видлив и прифатен.

Трн: ППф 2026 го опишувате како фестивал што се случува во време на „социополитичка рестратификација“. Што конкретно значи тоа за човек што работи во културата во Скопје денес?

Билјана: Гледаме промени и поместувања низ целата земјина топка, во однос на прашања за кои веќе мислевме дека се утврдени, како што се човековите права и слободи, кои веќе некое време на повеќе места се подриваат. Гледаме како петромажественоста, односно грабањето ресурси што создаваат моќ и богатство, раѓа насилство, војни. Гледаме како едно правило важи на едно место, а на друго не. За жал, има едно ретроградно социополитичко поместување на идеолошките и политичките параметри, на правата, законите, системите итн. Но, гледаме и како се спротивставуваме на тоа, секој/а на свој начин – некој/а во својата микросфера или зона, некој/а на улица, некој/а преку творби, некој/а преку гласни застапувачки акции итн.

Денес се бројни механизмите за спротивставување на ваквите промени, кои се засноваат на пумпање на моќта и капиталот на едни, а на раслојување и осиромашување на други. Тие механизми градат некакви микрополитики на моќ. Така, ако се оттргнеме од декоративното сфаќање на уметноста и ако го прошириме сфаќањето за културата како поле во кое се преплетуваат прашања и перспективи што преку различни облици на израз допираат до јавноста, ќе сфатиме дека таа има централна улога во развојот на една средина. За нас во културата, или еве, за мене, овие рестратификации се мотив повеќе да промислиме што правиме, што ќе правиме, како, зошто и со кого. А, тоа значи да промислиме како и зошто се твори, како се уредуваат процесите на творење, како се пласира или се шири создаденото и според какви политички параметри се одвива сето тоа.

Трн: Меѓу поддржувачите на годинашното издание се Швајцарија, Европската Унија, Гете-институтот и Министерството за култура. Колку независната културна сцена во Македонија зависи од странските донатори и што би се случило доколку таа поддршка утре престане?

Билјана: За жал, кај нас, и по толку години, и покрај докажаните професионалци, препознаените организации и проектите и програмите на врвно ниво, на независната сцена сè уште се гледа како на нешто пониско од институциите, а на граѓанскиот сектор како на некое туѓо тело, а не како на дел од целиот организам. Сведочиме како поранешни министри, политичари и други јавни личности се нафрлаат врз сцената и ја осудуваат само затоа што постои. И тоа е така затоа што овие организации и индивидуалци не е подложни на партиско раководење, желби, трампи итн. Сме се изнаслушале страшни работи и навреди, а тоа доаѓа од тесниот кадар низ кој гледаат повеќето партиски кадри. Наместо да се заложат за единственото поле во кое нешто се пропрашува, се турка напред, се коригира и се пробува, и да го поддржат, тие сè повеќе си го стеснуваат кадарот и мислат дека културата и уметноста се протегаат само во географски и национални рамки.

Сепак, и близината значи нешто, па така,  она што е тука, блиску до тебе, треба да го прифатиш и да го негуваш. Ако го отфрлаш, го изолираш и го фрлаш, значи го исклучуваш. А, за жал, со партократизација на културата, тоа се случува. Донаторите и фондациите се обидуваат наспроти тоа, да направат механизми кои ќе ги вклучат и развиваат различностите, ќе воспостават точки на комуникација на разни нивоа и ќе ги поддржат вредностите што ги развива независната сцена. Односно, сакаат да ги поддржат културата и уметноста што експериментираат, прашуваат, се развиваат и отвораат нови страни, насоки, видици, патишта и облици на израз, но и се борат за праведност, еднаквост, вклучување, слобода, социјална, сексуална, родова правда итн.

Средства, за жал, има сè помалку. Сцената можеби ќе се разложи, но нема да ја снема. Таа секогаш ќе изнаоѓа нови начини да се самоорганизира, да создава нови знаења и да му дава израз на просторот во кој дејствува. Но тоа понекогаш, за жал, подразбира и самоексплоатација, а таа не смее да се случува. Затоа итно мора да се вратат механизмите што беа избришани во Министерството за култура и туризам за поддршка на оваа сцена, и да се развијат нови кои подразбираат структурна поддршка во полето. Нам не ни требаат додатни институции и вработувања, ние веќе имаме и кадар, и програми, и сцена која треба да се поддржи со услови за работа.  Потребни се политичка волја и желба да се негуваат овие точки на развој на новите уметнички практики, како и критичкото промислување и продукцијата на знаење во полето на културата и уметноста.

Трн:  „Локомотива“ повеќе од две децении работи на развојот на независната културна сцена. Колку од тоа време функционирате од проект до проект? Што значи таквиот модел за луѓето што работат кај вас, за нивните плати, договори и социјална сигурност?

Билјана: За жал, од 2003 година, откако постои „Локомотива“, до денес ништо се нема променето во однос на работничките права во полето на културата и уметноста. Направени се мали поместувања, но ништо што би ја намалило експлоатацијата на трудот и би придонело тој да се вреднува.

Ние сме „проектаријат“, како што вели Куба Шредер, посочувајќи на тоа дека проектното финансирање создава една друга прекарна класа чија трајна несигурност и експлоатација на труд е поврзана со проектните циклуси кои им даваат можност за работа. И, тоа е неолиберална експлоатација на трудот и на креативната мисла во корист на капитализмот и нееднаквоста, односно, проектот е измислен за поголема циркулација на „добрата“ и за постигнување ефект. И проектите ќе беа добро надополнување доколку имаше секторот развојна и долгорочна поддршка. Но, наместо да се поддржуваат организациите програмски, развојно и долгорочно, се тераат во креирање на „продукти“ за циркулација, и тоа е политиката кај нас. Немаме структурна и развојна поддршка.

Сепак, во разговорите со колегите во ЕУ што работат на застапување на потребите на сцената,  гледаме поместувања на подобро, па има и истражувања во културата и уметноста, мрежи и поддршка за мобилност и резиденции итн. Но, за жал, кај нас имаме ретроградни политики вткаени во механизмите и критериумите за поддршка. Па затоа се умножуваат „проектчињата“, наместо да се зголемува квалитетот. А, да не зборувам за поврзаноста со неплатениот труд преточен во идеи, обмислување и артикулурање на тие идеи во апликации за проекти – од проект до проект, од можност до неможност, до купишта неостварени имагинации.

Но во овој момент гледаме и други „свртувања“, па и политиките и дискурсите се движат кон имагинацијата, која ја претпоставува и ја слави моќта на луѓето творечки да го преобразат реалното во идеално. Нема идеално, но има сè повеќе здружувања во борбата и застапувањето за права, за подобри работни услови и за антиексплоататорски политики, од кои ние, за жал, сме далеку.

Трн:  Фестивалот се одржува и во Младинскиот културен центар, јавна институција што со децении е важен простор за независната сцена. Дали независните културни организации денес ги дополнуваат јавните институции или сè почесто ја преземаат работата што тие би требало да ја вршат?

Билјана: И сегашното и претходното издание на фестивалот се одржуваат во МКЦ. Таму со децении се одвиваат и многу други програми на „Локомотива“. Тимот на МКЦ отсекогаш бил отворен за соработка и ја гледал „Локомотива“ како партнер, како екстензија, и како дел, и како природно проширување, како соработничка структура со која се надополнува. Но, тоа не се случува со другите институции. Имаме неколку пријатни соработки, но со нив нема взаемно надополнување, заедничко програмско промислување и проширување.

Ова ние го мислевме и како модел кој сметаме дека треба да се развива помеѓу институциите и граѓанскиот сектор. Но, за жал, тоа е невозможно, и дури ептен ретроградно е сѐ во однос на такви идеи. Иако се застапувавме за механизми за поддршка со кои 30 % од програмите на институциите би се развивале во соработка со независната сцена, сведочиме како институциите се затвораат за неа.

Институциите сè повеќе се партизираат, па дури и се монархизираат. Стануваат како недостапни замоци или тврдини на владетели. Во такви услови, независните организации немаат можност ниту да ги надополнуваат институциите ниту да ја преземаат нивната работа, затоа што маргинализацијата на независната сцена и негрижата за институциите го спречуваат тоа.

Сведочиме како институциите се преземаат од партиски делегирани лица, па политиките стануваат сè повеќе партократски. Трендот е таков што за партиска заслуга никнува директор како никулец на уште една партизирана пролет во културата. А тоа е голема неправда и штета за целата сцена, и за институциите и за независната сцена. Сета таа неправда е дополнително поврзана со неправедните критериуми за аплицирање на единствениот конкурс за култура. Тој е направен како за во времето на модернизмот и сведочи за отфрлање и негрижа за развојот на целата културна сцена, кој треба рамномерно да ги опфати сите и сите процеси.

Имавме два добри предлога за стратегија за култура – еден од претходната влада, кој никогаш не беше изгласан, и еден понов, од оваа влада. Ама, ете, ништо ни од тоа. Станавме експерти за стратегии, а нивната (не)имплементација оди преку партиските штабови. Си тапкаме во место, поминуваат години, а целата култура се провинцијализира како сѐ останато поради партиско насилство и немарност.

Трн: Во последниот период повторно се отвори прашањето за начинот на кој се избираат директорите на јавните културни институции. Како го оценувате тој процес? Колку политичките и кадровските одлуки во институциите директно влијаат врз работата и слободата на независните уметници?

Билјана: Во последно време работам со термини и со нивната дежаргонизација. Ама овде, во врска со вашето прашање, некои термини си го потврдуваат значењето, а се раѓаат и нови, како на пример – партизација, партократија, насилство, моќ, парто-мажественост, ретрадиционализација, ретроградност итн.

Се прашувам зошто некој сака да раководи со нешто што не го разбира, на кое не му припаѓа и во чија „приказна“ не учествува, па поради тоа и не може да промени нешто повеќе. Работните услови се очајни овде, особено во полето на уметностите што бараат простор за проби и истражувања, односно за процеси на развој.

Некои од нас, од независната и од академската сцена, учествуваме во истражувања, работиме на теми и учествуваме на конференции и симпозиуми низ светот, каде што промислуваме какви би можеле да бидат солидарните, зелените, отворените, критичките, феминистичките, фантастичните, деколонијалните, децентрализираните итн. институции во културата и уметноста. И некаде тие концепти се испробуваат и се развиваат, а овде гледаме и тоа ако некој го започне, да го угушиме со цела сила.

 Некако сето тоа го чувствувам како насилство. И е насилство кое долгорочно го трпи уметноста и културата, граѓаните, затоа што дури и во ретките случаи кога сме посведочиле грижа, гостопримство, отвореност, прифаќање, милозливост, заедништво и бранење на јавното како дел од институционалните развојни концепти, и тогаш сето тоа насилно се одземало. Ретки беа случаите, но постоеја.

И како против тоа? Не знам, сè пробавме, мислам. Но изгледа треба поинаку. Ако нема самоеманципација, себерефлексија и критичност, не гледам како ќе мрднеме понатаму, односно кон овие концепти и начини на управување што ги споменав. Мислам дека така започнува сè, од себе.

Трн: „Другиот споменик“ директно се занимава со наследството на „Скопје 2014“, со неговите машки херои и монументалната претстава за историјата. Дали преку телата на лицата со попреченост, транс лицата и жените се обидувате да понудите поинаква слика за тоа кому му припаѓа јавниот простор во Скопје?

Билјана: Да, така е, затоа што како тој „земјотрес“ да се заборава, а не опкружува секојдневно. Па, затоа сакаме малку да брцнеме во јавниот простор и да укажеме во што се претвори тој, и дека одредени граѓан/к/и се отсутни во „споменичењето“ на јавните простори, односно славењето на нечие постоење. Започнавме оттаму, односно, дека сите сме тука и дека сите сме вредни за спомен. За нас сите животи вредат исто и подеднакво треба да се споменуваат и да се слават. Или, пак, нечиј човечки живот вреди повеќе од некој друг?

Во јавниот простор одредени тела воопшто не се споменуваат ако не се вклопуваат во конзервативно-традиционалните норми, а има и обиди да се камуфлираат или да се „замаглат“ со некакви појавности што се главно патријархални. Па видете како е претставена жената во просторот на „Скопје 2014“ – или никако или во хипертрадиционална позиција и улога.

А лицата со попреченост, хм, никаде ги нема. За транс лицата, пак, се зборува како да станува збор за некоја лоша болест – ем сакаат да ја негираат, ем сакаат да ја снема… Тоа е тоа имплицитно, или невидливо насилство – буткање во ќош на сите што се сметаат за недостојни, буткање на маргините или доделување маргинални позиции. Или она „Немам ништо против, ама па мора ли сега јавно да се покажуваат?“ Е па, таквото однесување му дава право на истото однесување и на други места, па сведочиме на родово базирано насилство, фемициди, итн. Зошто? Е па, еве затоа, – затоа што таква ни е културата и јавното.

Затоа, ние сакаме да го оспориме тоа, односно да кажеме дека не ни е на сите таква културата, дека јавниот простор ни припаѓа на сите и дека секое тело и живот е важен. Ние се обидуваме да говориме за тоа, да се бориме и да го потенцираме тоа преку уметноста. Сакаме да нагласиме дека културата е простор на солидарност, заедништво, прифаќање, опфаќање, грижа и критичност, во кој можеме да им се спротивставиме на насилството и граничноста и да ја надминеме декоративната улога што ѝ се припишува.

Трн: Современиот перформанс во Македонија и натаму има ограничена публика и често останува неразбран надвор од уметничките кругови. Кому му се обраќате со оваа уметност? Дали успевате да допрете до пошироката јавност и колку одговорност за тоа има самата независна сцена?

Билјана: Современата уметност им се обраќа на сите подеднакво, а сметам дека има цел да го смени погледот на оној што ја гледа – на околината, светот, политиките, нештата, уредувањата, животот, љубовта, итн. Покрај физиолошките разлики, она што нè одвојува од другите живи повеќеклеточни битија се емпатијата и можноста за апстрактно промислување. Можноста да размислувате апстрактно, да ги поврзете мисловното и телесното, ви овозможува да сфатите, во овој случај преку перформансот, – дека движењето, поместувањето, телесноста и изведбата можат да се доживеат и да се прикажат на различни начини.

Ние сакаме да го прикажеме перформансот и како медиум и како стратегија, односно како уметничка и културолошка практика што изведува другост. Перформансот е и поместување на канонот, или излегување од формата, од вертикалното, фалусоидното и нормираното каде нештото се трансформира, транспортира, поместува, изместува. Па, ако сакате, и се поместува модернистичкиот поглед на уметноста центрирана околу објектот, и вертикализираниот субјект, а со тоа се овозможува и поинаков начин на изведување на некаков израз. Така, перформансот го гледаме како проширено поле што го поместува непоместливото или го менува неменливото. И покрај тоа што сакаме да пренесеме, развиеме и изучуваме што е перформансот како уметност, сакаме и да откриваме што сè може да биде и како тоа може да влијае врз нас и врз публиката, да нè помрдне понатаму, да нè измести од местото на кое сме.

Па, прашањето е дали нашата публика е подготвена да се помрдне, да се изненади итн. Јас мислам дека е, но за да се случи тоа, целиот систем треба да се промени и да го поддржи тој процес. Треба класичните или традиционалните уметности да се изучуваат во сите школи, а потоа и да се експериментира со изразот и со практиките, односно да се учествува во нив. Најдобра публика е онаа што учествува во процесите. Па, можете ли да замислите младите, покрај тоа што учат за уметноста, и активно да учествуваат во неа? Кога некого не познавате, може да ви се чини недостапен или чуден. А ако го запознаете, ако го осознаете, ќе можете понатаму да ја развивате релацијата.

За жал, кај нас се очекува поединечна организација или институција да ја зголемува публиката во бројки. Треба системот да ја развива публиката, да има процеси на инкултурација, и да се работи на квалитативен развој на публиката. Но, ние, упорно им се обраќаме на сите и сакаме да допреме до што повеќе луѓе што сакаат да сонуваат, да се прашуваат и да се помрднат од местото на кое се. А одговорноста, како што кажав, е на сите. Како ќе го уредиме местото на културата и уметноста во сферата на животот, таква публика и ќе имаме.

Трн: Преку програмата „Курирање во контекст“ работите со нова генерација уметници и куратори. Кога ќе погледнете пет години нанапред, дали ги гледате овие млади луѓе како дел од македонската културна сцена или очекувате и тие својата иднина да ја бараат надвор од земјата? Што би можело да ги задржи тука?

Билјана: Оваа програма веќе долго трае, а решивме да ја развиеме поради недостигот од вакво образование. И еве, веќе сведочиме како млади луѓе што минале низ оваа школа градат свои програми, овде, но и пошироко. А оние што беа дел од последната програма на „Курирање во контекст“ секако ги гледам како свои идни колеги и како дел од сцената. Се радувам кога гледам како таа потенцијалност се реостварува одново и одново во нив. И ме радува што не се плашат да откриваат, да гледаат, да учат, да пропрашуваат и да експериментираат. Некои од нив имаат или имале среќа да имаат одлични професори во своите школи, како и одлични соработници, и така се развиваат. Некои веќе се дел од сцената и се формираат како исклучителни уметници, куратори, историчари на уметноста итн.  За сите тие да бидат и да останат дел од македонската културна сцена, им требаат работнички права и работни услови. Им треба и сцена. Им треба некој што ќе се грижи за нивното понатамошно образование и развој, а им требаат и колеги со кои ќе се развиваат заедно.


Џабе е ако поддржиме еден, а другите не, треба целосно промислен и уреден пристап. Поинаква драматургија на културата, и кореографија. А за тоа ни треба да продрат нови драматрурзи и кореографи во политиката или меѓу одлучувачките структури кои конечно ќе може да ја шкртнат во целост, оваа долгорочната – партизираната и коруптивната. Па така, нема зошто младите да си заминат. Но, ако гледаат дека оние што им се пример немаат признание или се бутнати на маргините, нема да го посакаат тоа за себе. Па така, ова наше одржување на статус квото или ретроградноста ќе ги исфрли како трамболина во други земји или во други простори. Но, сепак верувам дека ќе сведочам овде институции и програми какви што истражуваме, замислуваме, и кои ги споменав, односно, се надевам дека нашите промислувања ќе преточуваат во драматругии и кореографии на иднината која ја замислувам(е).

е-Трн да боцка во твојот инбокс