Над 15 македонски видеоигри денеска на изложба во Скопје Сити Мол

Изложбата е дел од A1 Game Fest 2026 и ја организира Асоцијацијата на македонската индустрија за видеоигри. Целта е домашните студија да се доближат до публиката, институциите и индустријата.

Повеќе од 15 видеоигри и проекти на македонски студија, тимови и независни развивачи се претставуваат на GDR26 EXPO „Покажи ја твојата игра“ во Скопје Сити Мол. Изложбата започна вчера и трае и денеска, а за посетителите е отворена од 12 до 20 часот. Таа е дел од A1 Game Fest 2026.

Организатор е Асоцијацијата на македонската индустрија за видеоигри (МГИ). Од здружението велат дека годинашното издание е посветено на игрите и на луѓето што ги создаваат. Посетителите можат директно да се запознаат со авторите и нивните креативни и технолошки проекти. На изложбениот дел учествуваат околу 12 до 13 македонски студија и тимови, а повикот за учество беше отворен и при најавата на настанот.

Целта на изложбата е домашната гејминг-сцена да се доближи до пошироката јавност, институциите и индустријата. Според организаторите, секторот постојано се развива и сè повеќе се поврзува со европската и светската сцена. Изложбата е можност тоа да се види и испроба на лице место, со игра во рака.


Македонската заедница на развивачи на игри е мала, но активна. Како што пренесува „Филм њуз Јуроп“, според бројот на учесници на милион жители, македонското издание на Global Game Jam редовно се рангира високо, дури на петтото место во светот. Британскиот совет уште во 2022 година објави студија за мапирање на индустријата за развој на игри во Македонија, како дел од креативните индустрии.

е-Трн да боцка во твојот инбокс