Француското Комте, кое зреело 24 месеци, е прогласено за најдобро сирење на светот на годинашното издание на World Cheese Awards. Го произведува компанијата „Фромажери Арно“ под брендот „ЈураФлор“, а две години созревало во визбите на Фор де Русе, поранешна воена тврдина во планините Јура, во источна Франција. Жирито го пофалило за сложените, солени ноти и за долготрајниот вкус што останува по секој залак.
Конкуренцијата била огромна. На четиридневниот настан во шпанскиот град Кордоба биле пријавени 5.330 сирења од 45 земји. Ги оценувале 270 судии од 51 држава, меѓу кои производители на сирење, трговци, купувачи и експерти за храна. Тие ги бодувале изгледот, текстурата, аромата и вкусот на секое сирење.
Второто место го освоило друго француско сирење – овчото Осо-Ирати од францускиот Баскиски Регион. Финалистите дојдоа од само пет европски земји: Франција, Италија, Шпанија, Швајцарија и Португалија. Меѓу 14-те најдобри нема сирење од Балканот.
Комте се произведува во источна Франција со векови. Уште од 13 век, фармерите од Јура секојдневно го собирале млекото во заеднички производствени објекти наречени фрутјери. Така можеле да произведуваат поголеми тркала сирење што можат долго да се чуваат. Комте има заштитена ознака за потекло во Франција од 1958 година, а на ниво на ЕУ од 1996 година.
Минатата година титулата ја освои швајцарскиот Грујер, кога наградите се доделуваа во Берн и домаќинот ја освои главната награда. Овој пат домаќинот Шпанија остана без победа. Сирењата на првите места имаат заштитена ознака за потекло.
