Три лица загинаа, а 36 се водат како исчезнати во пожар во фабрика за слатки во Индонезија

Огнот избувнал во саботата попладне во фабрика на околу 50 километри од Џакарта. Во моментот на пожарот во објектот имало околу 60 лица, а причината сè уште се истражува.

Најмалку три лица загинаа во пожар што ја зафати фабриката за слатки во близина на индонезиската престолнина Џакарта, додека 36 лица се водат како исчезнати, соопштија во неделата надлежните спасувачки служби. Четири повредени лица се пренесени во здравствени установи, изјави Ризки Двианто, кој претходно информирал дека 39 лица се водат како исчезнати.

Пожарот избувнал во саботата попладне во фабриката на компанијата „ПТ Фонуа Агунг Мулија“ (PT Fonua Agung Mulia), која се наоѓа на околу 50 километри од Џакарта, во областа Серанг.

Снимките од воздух покажуваат делумно уништена зграда, урнати делови од покривот и густ чад. Спасувачките екипи ги пребаруваат просториите на фабриката, каде што на одделни места сè уште имало пламен. Пожарникарите ја примиле пријавата во саботата во 16:30 часот, а кога пристигнале на местото, објектот веќе бил зафатен од огнот, изјави претставникот на противпожарната служба Тубагус Махфудз.

„Поради тоа не можевме да утврдиме дали безбедносниот систем на компанијата функционирал правилно или не“, изјави тој.

Гувернерот на покраината Бантен, Андра Сони, соопшти дека во моментот кога избувнал пожарот во фабриката имало околу 60 лица. Причината за несреќата сè уште се истражува.


Компанијата „Фонуа Агунг Мулија“ на професионалната мрежа Линкдин се претставува како подружница на „Унифам“ (Unifam), една од најголемите индонезиски компании во прехранбената индустрија. Смртоносните пожари не се реткост во Индонезија. Во декември 2025 година, пожар во седумкатница во Џакарта однесе најмалку 22 животи, додека во 2023 година, во експлозија во рафинерија за никел загинаа 13 лица.

е-Трн да боцка во твојот инбокс