Ветровите над Арктикот го сменија правецот, а студот може да потрае до 40 дена

Поларниот вртлог над Арктикот го смени правецот на 10 ноември, што е најраното ненадејно стратосферско затоплување досега. Метеоролозите предупредуваат дека студениот воздух може да се спушти кон Европа и Северна Америка, а постуденото време да трае и повеќе од еден месец.

Поларниот вртлог над Арктикот го смени правецот. Метеоролозите го толкуваат тоа како најраното „големо ненадејно стратосферско затоплување“ досега. Појавата е регистрирана на 10 ноември, цели 18 дена порано од претходниот рекорд, а последиците би можеле да се почувствуваат низ целата северна хемисфера во наредните недели.

Поларниот вртлог е прстен од силни ветрови во стратосферата, на височина од околу 10 до 50 километри над Земјата. Во нормални услови тие дуваат од запад кон исток околу Арктикот. Така создаваат изолациски појас што ледениот воздух го држи околу Северниот пол, одвоен од потоплите воздушни маси на југ.

Кога вртлогот ќе го смени правецот, тој се поместува или се дели на два дела. Тогаш студениот воздух од високите слоеви и од поларната област се спушта кон северна Европа, Северна Америка, Сибир, Јапонија и други делови од Источна Азија.

Причина за свртувањето е наглото загревање на стратосферата, која според проценките се затоплила и до 50 степени Целзиусови за само неколку дена. Тоа го предизвикале големи атмосферски бранови што се шират нагоре од тропосферата, најнискиот и најгустиот слој од атмосферата.

На прв поглед звучи парадоксално потопла стратосфера да носи постудени денови на површината. Тоа не е секогаш правило, но овојпат токму така се очекува да биде во дел од северната хемисфера во следните недели.

Поларниот вртлог е дел од климатскиот систем, па секое негово нарушување има последици. Над северниот Атлантик, на пример, тоа ја нарушува млазната струја и времето за милиони луѓе. Кога млазната струја ослабува, арктичкиот воздух се движи кон југ. Тогаш северна Европа и Северна Америка обично добиваат постудени и посуви периоди, а јужна Европа станува поблага, повлажна и поветровита.

Засега не е сигурно дали ќе има снег, бидејќи многу зависи од тоа каде ќе се формираат системите на висок притисок. Британската метеоролошка служба на 17 ноември издаде жолто предупредување за снег за Мидлендс, североисточна и западна Англија и југозападна Шкотска.

Ваквите појави не се непознати. Ненадејното стратосферско затоплување неколку недели подоцна ги донесе снежните бури познати како „ѕверот од истокот“, кои ја погодија Велика Британија во 2018 година. Во САД тоа беше поврзано со смртоносните зимски бури во 2021 година. Слични случувања имало и во зимата 2009/10 и во 2013 година, но обично се јавуваат многу подоцна во текот на зимата.

Според досегашните искуства, поголемата веројатност за постудено време од вообичаеното обично трае меѓу 30 и 40 дена по ненадејното затоплување на стратосферата.

Научниците сè уште дебатираат дали појавата е поврзана со Ел Нињо. Постојат докази дека условите на Ел Нињо, кои почнуваат со затоплување на водите во Пацификот, влијаат врз таканаречените Росбиеви бранови. Тие се шират низ пониската атмосфера и можат да продрат нагоре над Арктикот, со што се зголемуваат шансите за ненадејно стратосферско затоплување.


Отворено останува и прашањето дали ова е уште еден пример за климатскиот хаос предизвикан од фосилните горива. Дел од истражувачите сметаат дека врската е веројатна. Други се повнимателни и посочуваат дека раното затоплување е во рамките на природните варијации на климата. Иако настанот доаѓа на крајот од година полна со екстремни временски појави, одговорот засега најверојатно ќе гласи дека се потребни дополнителни истражувања.

е-Трн да боцка во твојот инбокс