Се менува Законот за пензиите, што значи тоа за идните пензионери?

Tри закони и ревизорскиот извештај за ПИОМ откриваaaт дека предложените измени ја отстрануваат одредбата за стапката на придонесите во вториот пензиски столб. Истовремено, ревизорите потврдуваат милионски доцнења во трансферите кон приватните пензиски фондови.

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, објавен на ЕНЕР, предвидува бришење на членот 120, со кој е утврдено дека 6 проценти од основицата за пресметка на придонесите се издвојуваат во вториот пензиски столб. Проверка на двата поврзани нацрт-закона и на важечкиот Закон за придонеси покажува дека во разгледаните текстови не е предвидена нова одредба што изречно ја заменува оваа стапка.

Истовремено, предлог-законите не предвидуваат укинување на вториот пензиски столб. Напротив, тие продолжуваат да го регулираат неговото функционирање, но предлагаат промена на институцијата задолжена за пренос на придонесите.

Што точно се брише од законот?

Во членот 17 од предложените измени на Законот за пензиското и инвалидското осигурување стои само една реченица:

„Членот 120 се брише.“

Но важноста на оваа реченица станува јасна кога ќе се погледне содржината на постојниот член 120.

Неговиот прв став утврдува:

„Стапката на придонесот за вториот пензиски столб изнесува 6% од основицата за плаќање на придонесот утврдена со закон.“

Со вториот став се уредува распределбата меѓу двата столба, односно разликата меѓу вкупната стапка за пензиско осигурување и делот што се уплаќа во вториот столб. Со тоа членот 120 ја определува висината на средствата што за членовите на задолжителните пензиски фондови треба да се пренасочуваат на нивните индивидуални сметки.

Неговото бришење затоа има поголемо значење од промената на институцијата која технички ги пренесува средствата. Во образложението на предлог-законот измените на оваа група членови се претставени како усогласување со новиот Регистар на задолжително социјално осигурување. Меѓутоа, не е дадено конкретно објаснување зошто за таа цел е неопходно бришењето на законски утврдената стапка од 6 проценти.

Вкупниот придонес од 19,9% не е одговор на прашањето за 6%

За да се разбере финансиското значење, важно е да се направи разлика меѓу вкупниот придонес за пензиско осигурување и делот што се уплаќа во вториот столб. Според Управата за јавни приходи, за платите за периодот од јули до декември 2026 година вкупната стапка за задолжително пензиско и инвалидско осигурување изнесува 19,9 проценти.

Од оваа стапка, според постојниот член 120, за осигурениците кои се членови на вториот столб, 6 процентни поени од основицата се издвојуваат за капитално финансираното осигурување, додека преостанатите 13,9 процентни поени одат во првиот столб.

Значи, 6 проценти не се пресметуваат од вкупно уплатените 19,9 проценти, туку непосредно од законски утврдената основица за придонеси. Постојниот Закон за придонеси од задолжително социјално осигурување ја утврдува вкупната стапка и го препознава задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување како посебен вид придонес. Меѓутоа, во проверениот текст не е утврдена посебна стапка од 6 проценти која би го заменила членот 120.

Тоа значи дека, според разгледаните документи, останува неодговорено прашањето на која законска одредба ќе се темели идната распределба на придонесот меѓу првиот и вториот столб.

УЈП ќе ги пренесува парите, но кој ќе го утврдува процентот?

Паралелно со измените на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, предложени се и измени на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување.

Со нив се предвидува промена на членот 60, според кој Управата за јавни приходи ќе ги пренесува придонесите на членовите на задолжителните пензиски фондови на нивните избрани пензиски фондови на првиот нареден работен ден.

Сегашниот модел предвидува Фондот на ПИОМ да ги пренесува средствата веднаш, а најдоцна во рок од пет работни дена, под законски утврдените услови. Новиот модел, според тоа, предвидува пократок рок за трансфер и директна улога на УЈП.

Ова може да биде административно значајна промена, особено ако се земат предвид досегашните доцнења. Но новиот член 60 определува кој ги пренесува придонесите и кога, а не колкав дел од основицата треба да биде пренесен.

Токму тука се јавува прашањето за нормативната усогласеност меѓу предложените измени. Новиот механизам за трансфер е опишан, додека во двата разгледани предлога не е утврдена конкретна стапка за распределба во вториот столб.

Ревизорите потврдија доцнења од два месеца и непренесени 42 милиони евра

Прашањето за вториот пензиски столб не се отвора првпат со политичките обвинувања од ноември. Државниот завод за ревизија во конечниот извештај за финансиското работење на Фондот на ПИОМ за 2024 година констатира сериозни неправилности во навременото пренесување на придонесите.

Ревизорите утврдиле дека средствата што требало да бидат префрлени во вториот столб во текот на 2024 година биле уплаќани со просечно задоцнување од два месеца. Според истиот извештај, на 27 февруари 2026 година вкупниот износ на нераспределени придонеси за јануари и февруари достигнал 2.592.918.000 денари, односно приближно 42 милиони евра.

Особено важен е наодот дека Фондот ги изработувал пресметките за трансфер во законски предвидениот рок и ги доставувал до Трезорот на Министерството за финансии, но средствата не биле навремено пренесувани до трите пензиски фондови.

Овој податок покажува дека проблемот не може да се сведе само на административното работење на ПИОМ. За утврдување на причините за доцнењето потребно е да се разгледа и извршувањето на трансферите преку трезорскиот систем.

Ревизијата предупредува и на можноста осигурениците да изгубат принос поради ненавремено инвестирање на средствата.

Тоа значи дека проблемот не е само во датумот кога парите ќе пристигнат на индивидуалната сметка. Доцнењето може да има финансиски последици и врз идната вредност на пензиските заштеди.

Што предвидуваат измените за старите долгови?

Во нацрт-законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување е предвидена и преодна одредба која се однесува на средствата примени пред преземањето на трансферите од страна на УЈП.

Според членот 9, Фондот на ПИОМ е должен тие придонеси да ги пренесе веднаш, а најдоцна во рок од три месеци од нивниот прием. Доколку не го испочитува рокот, предвидена е обврска да уплати и надоместок за ненавремено пренесување.

Тоа покажува дека предлагачот на измените ја предвидува потребата од регулирање на старите обврски и при преминот на новиот систем.

Сепак, одредбата сама по себе не потврдува дека заостанатите средства се исплатени, ниту колкав надоместок досега е пресметан и исплатен поради доцнењето.

Што ќе се случува од јули 2027 година?

Двата анализирани нацрт-закона предвидуваат почеток на примената од 1 јули 2027 година, со одредени исклучоци во Законот за пензиското и инвалидското осигурување кои треба да се применуваат од јануари 2028 година.

Тоа значи дека станува збор за предложени, а не за веќе применети промени. Засега, постојната законска одредба за 6 проценти останува релевантна за распределбата на придонесите.

Меѓутоа, пред нивното евентуално усвојување, надлежното Министерство за социјална политика, демографија и млади треба да разјасни дали стапката од 6 проценти ќе биде пренесена во друг закон, дали се планира нејзино поинакво уредување или станува збор за пропуст во предложените текстови.

Треба да се разјасни и дали промената на институцијата задолжена за трансфер ќе биде придружена со механизми кои ќе обезбедат навремена исплата и надоместување на евентуално изгубениот принос на осигурениците.

Законот за придонеси веќе предвидува дека средствата собрани за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување се лична сопственост на осигуреникот. Затоа прашањето за нивната навремена уплата не се однесува само на ликвидноста на пензискиот систем, туку и на заштитата на индивидуалните пензиски заштеди.

Фонд на пензиското и инвалидското осигурување (ПИОМ) според тековниот закон ги прибира пензиските придонеси и врши распределба на дел од нив кон вториот пензиски столб за осигурениците кои се вклучени во овој столб. Вкупниот придонес за пензиско и инвалидско осигурување изнесува 19,9% од бруто-платата (за периодот јули – декември 2026 година), од кои 6% одат во вториот пензиски столб. Средствата на сметката во вториот столб се лична сопственост на членот и наследни.

Минатиот месец, премиерот Христијан Мицкоски најави дека граѓаните ќе може да изберат дали ќе го користат само државниот пензиски фонд или ќе уплаќаат придонеси и во вториот пензиски столб. Тој тогаш рече дека компаниите кои што управуваат со вториот пензиски столб се слаби претприемачи, па приносите на средствата на граѓаните кои што се уплаќаат, не се во онаа висина во која што треба да бидат односно се три пати помали.


Редакција Трн

е-Трн да боцка во твојот инбокс