Силен ветер над 70 км/ч, дожд и снег, од вторник температури под нулата

УХМР предупредува на силен ветер, особено во западните делови. Во следните денови следува постудено време, со утрински температури до минус шест степени.

Во текот на ноќта кон понеделник врнежи од дожд ќе ги зафатат најпрвин западните делови, а потоа ќе се прошират насекаде. Со спуштањето на ладна воздушна маса, на дел од повисоките места дождот ќе преминува во снег, додека на планините врнежите ќе бидат од снег, според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи.

За понеделник, 23 ноември, УХМР издаде предупредување за силен ветер, особено во западните делови, каде што брзината на моменти ќе надминува 70 километри на час. Наведената веројатност за оваа појава е 95 проценти.

Ветерот ќе биде засилен, а во текот на ноќта повремено силен. Претпладне ќе дува од западен, а попладне од северен правец. Минималните температури ќе се движат од 2 до 9 степени, а максималните од 11 до 19 степени.

Во вторник се очекува сончево и постудено време со мала облачност. Утринските температури ќе се спуштат од минус 4 до 3 степени, а дневните ќе достигнат од 6 до 14 степени. Долж Повардарието повремено ќе дува засилен северозападен ветер.

Најстудено утро во овој прогнозен период се очекува во среда, кога минималната температура ќе се движи од минус 6 до 2 степени. Во утринските часови ќе има услови за магла, а преку ден ќе биде сончево со мала до умерена облачност и температури од 8 до 14 степени. Кон крајот на денот во западните делови повторно ќе има дожд, а на планините снег.


Во четврток ќе преовладува облачно време со дожд, а на повисоките места и со снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер, а максималните температури ќе бидат од 5 до 11 степени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс