Реалити-драма на 45 минути дневно и работа четири дена неделно предлага Студентската листа во Србија

Студентската листа предлага ограничување на риалити-програмите и 32-часовна работна недела без намалување на платите, како дел од реформите во медиумите и работничките права.
foto: prtinrscreen

Риалити-програмите во Србија да се емитуваат најмногу 45 минути дневно, а работната недела да трае четири дена. Ова се дел од предлозите на Студентската листа, за кои пишува британски „Телеграф“.

Предложените ограничувања би ги сместиле риалити-содржините на националните телевизии во термин по 23 часот. Тоа би значело значително помал простор за програми како „Елита“, чии расправии и конфликти со години добиваат часови телевизиско време.

За телевизиски формат во кој една кавга може да трае цело попладне, 45 минути би барале прилично строга монтажа.

Предлогот е дел од поширокиот план за медиумски реформи на Студентската листа, која на изборите на 25 октомври освои 140 од вкупно 250 пратенички места. Пратениците ја положија заклетвата во вторникот, додека пред Собранието во Белград ги поздравија стотици поддржувачи.

Во областа на работничките права, листата предлага премин кон 32-часовна работна недела, распоредена во четири дена, без намалување на платите. Пакетот опфаќа и промени поврзани со прекувремената работа, договорите за вработување и контактирањето на работниците надвор од работното време.

Така, покрај прашањето колку долго телевизиите можат да емитуваат туѓи расправии, на маса се става и прашањето колкав дел од денот работодавачот може да го смета за свое време.


Засега станува збор за предложени промени. Нивното усвојување би донело конкретни поместувања во секојдневието: пократка работна недела и значително пократка телевизиска драма. За балканската публика, второто можеби ќе бара подолго приспособување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс