Синот на Милорад Додик, Игор Додик, е предложен за нов премиер на Република Српска, што предизвика остри реакции од опозицијата, која го обвини владејачкиот политички круг дека го претвора ентитетот во наследна монархија. Милорад Додик, лидерот на владејачкиот Сојуз на независни социјалдемократи (СНСД), изјави дека е „најгордата личност“ по номинацијата на неговиот син за нов мандатар.
Претседателот на Република Српска, Саво Миниќ, кој исто така е член на СНСД, потврди дека Игор Додик, актуелен организациски секретар на партијата, ќе биде предложен пред ентитетскиот парламент за нов премиер. Миниќ го опиша како млад, високообразован и перспективен политичар.
Нешто подоцна, Милорад Додик се огласи на социјалната мрежа Икс, изразувајќи уверување дека неговиот син е вистинската личност за функцијата, а неговото номинирање го опиша како сопствена победа.
„Игор е моја гордост и моја победа. Од срце му честитам за изборот за мандатар за состав на новата влада на Република Српска. Тој е дете на СНСД“, напиша Додик.
Неговата изјава се поврзува и со пресудата на Судот на Босна и Херцеговина, со која Милорад Додик беше осуден на една година затвор и му беше изречена шестгодишна забрана за вршење функции во органите на власта.
Кој е Игор Додик?
Игор Додик ја започнал кариерата како претприемач, но уште во 2009 година неговата компанија добила кредит од буџетот на Република Српска во вредност од 1,5 милиони евра за поддршка на бизнисот со преработка на овошје. Тогаш Милорад Додик ја оправдувал владината поддршка со изјавата дека е подобро неговиот син да добие помош за бизнисот отколку да стане „наркоман или бездомник“.
Компанијата „Фрут еко“ (Fruit Eco), со која раководел Игор Додик, со години била под американски санкции поради оценките дека добивала јавна финансиска помош и привилегиран третман благодарение на политичкото влијание на семејството Додик.
Санкциите биле укинати во 2025 година, кога биле укинати и санкциите за Милорад Додик, по лобирањето во САД. Поддршка за номинацијата на Игор Додик во неделата изрази и Жељка Цвијановиќ, членка на Претседателството на Босна и Херцеговина од редовите на српскиот народ.
„Уверена сум дека владата ќе биде именувана во најкраток рок, а Игор, како иден премиер и најмлад мандатар во историјата на Република Српска, ќе внесе нова енергија, идеи и динамика“, напиша Цвијановиќ на Икс.
Вукановиќ: Ова е одамна напишано сценарио
Најистакнатиот опозициски политичар во Република Српска, Небојша Вукановиќ, го оцени номинирањето како политичка претстава чиј исход бил однапред планиран, бидејќи Милорад Додик претходно најавувал дека неговиот син ќе биде политички наследник.
„Навистина се израдував на веста дека Милорад Додик одлучил полека да му го препушта престолот на својот син и престолонаследник Игор, кого го круниса кумот Саво Миниќ. Симболичната церемонија на преземање на жезлото и мечот наскоро ќе се одржи во Народното собрание на Република Српска“, напиша Вукановиќ иронично на својот блог.
Тој заклучи дека со ова Република Српска официјално станала монархија. Вукановиќ, кој е познат по острите критики на владеењето на Милорад Додик, предложи и неговата ќерка Горице да ѝ биде обезбедена функција, на пример, во министерство за „мода и угостителство“.
Друг опозициски лидер, Бранко Блануша, во денот на номинирањето на Игор Додик за мандатар поднесе оставка од функцијата претседател на Српската демократска партија (СДС), која претрпе тежок пораз на изборите во октомври. Блануша пред партиското членство соопшти дека се повлекува поради внатрешниот раскол во СДС.
