Слика на холандскиот сликар Винсент ван Гог е продадена во средата вечер на аукција во Њујорк за рекордни 190 милиони долари, со што стана најскапото дело на уметникот продадено на аукција. Продажбата се реализираше откако продавачите постигнаа договор со потомците на еврејското семејство кое тврдеше дека сликата била продадена под принуда во периодот на нацистичкиот прогон.
Делото „Костени во цут“ (Châtaigniers en fleurs), насликано во 1890 година, достигна аукциска цена од 165 милиони долари, а со вклучените провизии конечната сума изнесува околу 190 милиони долари.
Со ова е соборен претходниот рекорд за дело на Ван Гог, поставен во ноември 2022 година, кога неговата слика „Овоштарник со чемпреси“ (Orchard with Cypresses), од 1888 година, беше продадена за 117,2 милиони долари.
Сликата продадена во средата прикажува расцветани костени во француско село. Ван Гог ја завршил во мај 1890 година, само неколку месеци пред смртта на сликарот, кој починал на 37-годишна возраст. Според „Њујорк тајмс“, победничката понуда ја дал познатиот њујоршки трговец со уметнички дела Вилијам Аквавела, директор на галеријата „Аквавела“.
Делото го продала аргентинската фамилија Блакије-Ариета, која го купила во 1975 година. Семејството се наоѓа на 24. место на листата на најбогати Аргентинци на „Форбс“ за 2024 година, со проценето заедничко богатство од една милијарда долари.
Спор за продажбата во периодот на нацистичкиот прогон
Одржувањето на аукцијата беше доведено во прашање минатата недела, откако потомците на некогашниот сопственик на сликата, германскиот издавач со еврејско потекло Самуел Фишер, изразија загриженост за околностите под кои неговото семејство го продало делото во 1936 година, две години по неговата смрт.
Според евиденцијата за потеклото и сопственоста на сликата што ја води аукциската куќа „Сотби“, Фишер ја купил во 1909 година. Делото останало во сопственост на неговото семејство до 1936 година, кога било продадено на француски колекционери. Потомците на Фишер тврделе дека семејството било принудено да ја продаде сликата поради сериозните финансиски тешкотии предизвикани од нацистичкиот прогон.
Адвокатот на семејството минатата недела испратил писмо до аукциската куќа, посочувајќи дека продажбата се случила кратко по напуштањето на Берлин и преселбата на семејството во Виена. Во писмото биле побарани докази дека трансакцијата во 1936 година била доброволна и дека сликата била продадена по тогашната пазарна цена. Во вторникот „Сотби“ соопшти дека семејството Блакије-Ариета и потомците на семејството Фишер постигнале „заеднички прифатлив договор“, со што било овозможено одржување на аукцијата.
Условите на спогодбата не беа објавени.
Аукцијата донесе 412 милиони долари
Рекордно продадената слика на Ван Гог беше дел од аукцијата на „Сотби“ насловена „Легендарно: Колекцијата Блакије-Ариета“ (Legendary: The Blaquier-Arrieta Collection). На аукцијата беа понудени уште 11 уметнички дела од колекцијата што со години ја создавале Нели Ариета де Блакије и Карлос Педро Блакије.
Семејството го стекнало богатството преку компанијата „Ледесма“, еден од големите производители на шеќер и земјоделски производи во Аргентина. Аукцијата донесе вкупно околу 412 милиони долари, вклучувајќи 111 милиони долари за сликата „Арлекин“ (Arlequin) на францускиот сликар Пол Сезан.
