Наместо десетка ќебапи оди единаесетка: Сараево го испраќа Един Џеко

По повод последниот натпревар на капитенот на БиХ, сараевските ќебапчилници во петок во секоја „десетка во пола“ пакуваат по едно парче плус.
Фото: Илустрација, Miomir Magdevski, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Сараевските ќебапчилници утре ќе служат по 11 ќебапи во порциите „десет во пола“, одлучи Здружението на сараевските ќебапчии како почит кон капитенот Един Џеко, кој на стадионот Билино Поле во Зеница против Шведска ќе го одигра последниот натпревар за фудбалската репрезентација на Босна и Херцеговина. Четириесетгодишниот напаѓач по речиси две децении става крај на репрезентативната кариера, носејќи го симболично токму бројот 11 на грбот.

Кулинарскиот канон во Сараево речиси никогаш не трпи измени, но Здружението на сараевските ќебапчии одлучи култната „десетка“ на еден ден да стане „единаесетка“. Гестот доаѓа како директна посвета на бројот 11 што напаѓачот го носеше на дресот уште од дебитантските настапи за селекцијата.

Од здружението објаснија дека сакале симболичен поздрав од градот во кој за големите фудбалски моменти отсекогаш се дебатирало токму на маса:

„Един не беше само број 11. Беше човек покрај кого славевме, тагувавме, верувавме и се гордеевме. Затоа сакавме да направиме нешто наше, сараевско и едноставно. Нешто што му припаѓа на градот каде што за големите луѓе секогаш се зборува со половина сомун, кромид и муабет.“

На прес-конференцијата пред дуелот од Лигата на нации против Шведска, капитенот на БиХ потврди дека одлуката за повлекување е конечна и промислена.

„Ова е таман. Цврсто сум решен. Знам колку дадов и знам дека тоа беше мојот максимум со кој му помагав на тимот до овој момент. Чувствувам притисок во градите, детска емоција, бидејќи Зеница е нашиот дом. Но, кога ќе почне натпреварот, тоа застанува, ова не е ревијален меч“, изјави напаѓачот.

Тој посочи дека како најсветли моменти ги памети пласманите на две светски првенства и голот против Велс, додавајќи дека по завршувањето на играчката кариера нема амбиции за тренерска работа, туку сака да се одмори по повеќе од две децении професионален фудбал.

Зборувајќи за младите спортисти во регионот, капитенот испрати директна критика кон брзото задоволување со просечни резултати:

„Имам чувство дека кај нас луѓето брзо се задоволуваат. Штом се постигне нешто или ќе се заработат првите пари, се застанува таму и веќе нема амбиција да се биде подобар. Тој ментален склоп кај нас е поинаков од оној во Европа. Јас и во 40. година сметам дека можам уште нешто да научам и да напредувам.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс