Проблемот со говедата кои неконтролирано се движат низ Крива Паланка сè уште нема конечно решение, иако надлежните институции постапуваат по решенија за одземање на животните веќе две и пол години.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за „Фокус“ потврдиле дека досега се заловени 96 говеда. Како главни пречки ги посочуваат непристапниот терен и опструкциите од поранешните сопственици.
Според проценките на градоначалникот Сашко Митовски, низ подрачјето се движат околу 1.000 говеда, што значи дека заловените животни претставуваат помалку од една десетина од проценетиот број.
Незадоволен од постапувањето на институциите, Митовски на 18 ноември поднел кривични пријави поради сомневања за злоупотреба на службената положба и неспроведување на решенијата за одземање на добитокот. Побарано е да се испита одговорноста на службени лица од АХВ и Агенцијата за управување со одземен имот.
Поднесена е и претставка до Антикорупциската комисија, како и барање за вонреден инспекциски надзор.
Додека институциите бараат начин да го решат проблемот, жителите и натаму се соочуваат со ризиците од слободното движење на добитокот. Градоначалникот претходно побара Владата да прогласи 30-дневна кризна состојба.
