Тринаесет месеци по убиството на Росица Коцева и нејзиниот татко во Велес, обвинение е поднесено против девет полициски службеници кои, според Обвинителството, не постапувале соодветно по пријавите за семејно насилство и не ги спроведувале изречените судски мерки за заштита.
Како што објави „Сакам да кажам“, полицајците и инспекторите од Велес се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување и за неизвршување судска одлука.
Според наводите на Обвинителството, дел од службениците не го известиле надлежниот обвинител за пријавите, а прибраните докази ги чувале во полициските простории без да поведат постапка.
Росица со месеци пријавувала закани и вознемирување од поранешниот партнер Илија Стефановски. И покрај изречените заштитни мерки, насилството продолжило. На 15 септември 2025 година Стефановски ги убил Росица и нејзиниот татко, по што се самоубил.
Внатрешната контрола на МВР првично пријавила 11 полициски службеници, но по спроведената истрага Обвинителството утврдило основ за обвинение против деветмина, додека за двајца не биле обезбедени доволно докази.
