Александар Чупиќ ќе биде новиот претседател на Собранието на Србија, откако за функцијата го предложи Студентската листа, која освои апсолутно мнозинство на парламентарните избори. Со изборот на претседател на Собранието, Чупиќ ќе стане и вршител на должноста претседател на државата, се наведува во текстот на новосадскиот портал „021“.
Чупиќ е професор на Сообраќајниот факултет во Белград и беше 51. кандидат на Студентската листа. Тој изјави дека е горд што е предложен за претседател на парламентот и дека е подготвен да ја преземе функцијата.
Одличен студент, денес универзитетски професор
Александар Чупиќ е роден во 1978 година во Прокупље. Средно образование завршил во гимназијата „Топлички херои“, со одличен успех и диплома „Вук“. Потоа се запишал на Сообраќајниот факултет во Белград, кој го завршил во 2003 година со просечна оценка 9,05 и десетка на дипломскиот испит.
Академската кариера ја продолжил на истиот факултет, каде што запишал постдипломски студии на насоката за поштенски и телекомуникациски сообраќај. Поради успехот во студирањето добил стипендија од Владата на Србија, односно од Министерството за наука и технолошки развој, наменета за развој на научниот и уметничкиот подмладок.
Магистрирал во 2007 година, а докторската дисертација ја одбранил во 2014 година, исто така на Сообраќајниот факултет при Универзитетот во Белград. На универзитетот е вработен од 2004 година, а моментално е доцент на Катедрата за поштенски сообраќај и мрежи.
Покрај научноистражувачката работа, во медиумите повеќепати истакнувал дека успешно се занимава и со органско производство на овошје и зеленчук. Како што изјавил во една прилика, од 2012 година, кога Српската напредна странка дојде на власт, живее со семејството на село, во општината Сопот. Оженет е и татко на шест деца.
Студентите ги пречекал на својот имот
Чупиќ отворено го поддржува студентското движење уште од почетокот на блокадите, кон крајот на декември 2024 година. Студентите од Сообраќајниот факултет го предложиле за кандидат на Студентската листа, на која го добил 51. место. Пошироката јавност дозна за него откако на својот имот угости стотици студенти за време на еден од нивните маршеви кон Крагуевац. Студентите ја поминале ноќта во пластениците на неговиот имот.
„Би ги примил и студентите од контраблокадата доколку им требало преноќиште. Тоа беше израз на човекољубие. Ние од мали дела направивме херојство и за тој гест добивме несразмерно многу љубов. Не сме ние никакви херои. Херој е мојот соборец Љубо Чупиќ (партизан и народен херој – заб. авт.), кој со насмевка гледал во пушките кога го стрелале“, изјавил Чупиќ во интервју за неделникот „Време“.
Дополнително внимание привлече по изведбата на песната „Ајде, граде“, преработка на „Ајде, Јано“, на завршниот предизборен собир на Студентската листа на белградскиот плоштад Славија. Со изборот на Чупиќ за претседател на Собранието, еден од препознатливите поддржувачи на студентското движење ќе ја преземе една од најважните државни функции во Србија.
