Скандал ја тресе Германија: Тајни документи откриваат како Дојче банк ги штитела интересите на руските олигарси

Повеќе од 15 милиони интерни документи откриваат дека германската банка со години одржувала профитабилни деловни врски со руската елита, и покрај предупредувањата на сопствените експерти за финансиските и репутациските ризици.

Додека руските ракети во февруари 2022 година почнаа да паѓаат врз Украина, во една од најголемите европски банки завладеа паника. Дојче банк, која со години работеше со најбогатите руски олигарси, се соочи со новите западни санкции и со прашањето што да прави со клиентите блиски до Кремљ. Повеќе од 15 милиони протечени интерни документи откриваат дека банката со години одржувала профитабилни деловни врски со руската елита, и покрај предупредувањата на сопствените експерти за сериозните финансиски и репутациски ризици.

Како што открива „Њујорк тајмс“, во меѓународната истражувачка сторија во која учествувале повеќе од 200 новинари, меѓу клиентите на Дојче банк биле и руските милијардери Олег Дерипаска и Виктор Векселберг.

Само неколку часа по почетокот на руската инвазија врз Украина, една од експертките на банката за спречување финансиски криминал испратила итна електронска порака до колегите, со наслов „Руски санкции – итно барање“.

„Како што знаете, имаме голем број клиенти меѓу руските олигарси“, напишала таа, прашувајќи кои деловни односи банката може да ги прекине и дали клиентите треба да бидат советувани да ги повлечат парите „додека сè уште можат“.

Тоа го означило почетокот на преиспитувањето на деловната политика што со години ѝ носела значителна заработка на банката.

Руските милијардери – извор на огромен профит

Дојче банк со децении им овозможувала на руските олигарси пристап до западните финансиски пазари, стабилни валути и банкарски систем преку кој го штителе своето богатство од политичката и економската неизвесност во Русија. Колку биле важни овие односи покажува и средбата на рускиот претседател Владимир Путин со тогашниот директор на банката, Јозеф Акерман, во 2008 година. Тогаш Путин изјавил дека банката претставува „мост меѓу руската и германската економија“.

Сепак, интерните документи покажуваат дека експертите на банката со години предупредувале на опасностите од ваквото работење.

Уште во 2014 година, одделот за спречување финансиски криминал препорачал прекин на одредени деловни односи со Олег Дерипаска поради бројните обвинувања што го следеле, меѓу кои сомневања за перење пари, даночно затајување и поврзаност со организиран криминал. Сепак, раководителите задолжени за приходите ја бранеле соработката, опишувајќи го Дерипаска како угледен и важен деловен партнер.

„Руските милијардери значително придонесуваат за нашиот успех“, било наведено во интерна презентација од 2015 година, во која богатите руски клиенти биле опишани како „основен столб на одржливиот раст“ на секторот за управување со имот.

Санкции, казни и сметки во Швајцарија

Во меѓувреме, Дојче банк се соочувала со сериозни регулаторни проблеми. Американските и британските регулатори ја обвиниле дека преку таканареченото паралелно тргување („mirror trading“) им овозможила на руски инвеститори да исперат до 10 милијарди долари.

Во 2017 година банката се согласила да плати стотици милиони долари за да го затвори случајот, но продолжила да работи со најбогатите Руси. Кога САД во 2018 година вовеле санкции за седум руски индустријалци поврзани со Кремљ, петмина од нив биле клиенти на Дојче банк, директно или преку поврзани компании. Меѓу нив биле Дерипаска и Векселберг.

Процурените документи откриваат и дека банката постепено ги префрлала сметките на богатите Руси во Швајцарија и Луксембург, земји познати по строгите правила за банкарска тајна.

Интерна анализа од 2020 година покажала дека меѓу клиентите имало 17 Руси од таканаречената американска „листа на Кремљ“, на која се наоѓале високи функционери и олигарси. Иако документите предупредувале на зголемен ризик од перење пари и кршење на санкциите, истовремено ја истакнувале и профитабилноста на рускиот пазар.

Истата година, надворешните правни надзорници ѝ препорачале на банката сериозно да размисли за целосно повлекување од Русија. Раководството, сепак, продолжило да го брани своето присуство, па во април 2021 година едногласно ја поддржало стратегијата за претпазливо проширување на работењето во Москва.

Војната во Украина промени сè

Пресвртот настапил на 24 февруари 2022 година, кога Русија ја започнала инвазијата врз Украина. Новите западни санкции предизвикале итни консултации во банката, додека американските обвинители побарале податоци за руските клиенти под санкции, состојбата на нивните сметки и контролата врз тековите на пари.

Интерните електронски пораки покажуваат дека банката се повикувала на законите за банкарска тајна во Швајцарија и Луксембург за да го ограничи доставувањето на одредени податоци. Според достапните информации, американските обвинители ги прифатиле нејзините одговори.

Дојче банк тврди дека во целиот период постапувала законски, ги исполнувала обврските кон американските власти и никогаш не им помагала на клиентите да ги избегнат санкциите.

Зошто банката дури тогаш одлучила да ја напушти Русија?

И покрај почетокот на војната, раководството на Дојче банк првично не сакало целосно да се повлече од рускиот пазар. Генералниот директор Кристијан Зевинг на 10 март 2022 година им порачал на вработените дека напуштањето на клиентите кои не можат веднаш да ја напуштат Русија би било „спротивно на вредностите на банката“.

Сепак, истиот ден американските банки „Џеј Пи Морган Чејс“ и „Голдман Сакс“ најавиле повлекување од Русија. Веќе следниот ден Дојче банк ја променила одлуката и соопштила дека постепено ќе го прекине работењето во земјата, со образложение дека нема да започнува нови деловни активности.


Истражувањето на „Њујорк тајмс“ открива повеќегодишен образец во кој деловните интереси имале предност пред предупредувањата на стручните служби. Одлуката за повлекување од Русија била донесена дури по инвазијата врз Украина, меѓународниот притисок и заминувањето на конкурентските банки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс