Американската технолошка компанија Енвидија денеска соопшти дека во рамките на својот Управен одбор формира тело што ќе го надгледува почитувањето на државните прописи за национална безбедност и контрола на извозот.
Одлуката доаѓа по објавените информации дека извршниот директор Џенсен Хуанг поднел оставка, откако било откриено дека имал љубовна врска со жена за која постојат сомневања дека шпионирала во корист на Кина.
Напредните чипови на компанијата се исклучително барани бидејќи се клучни за компјутерските услуги во облак и центрите за обработка на податоци, кои се основа на забрзаниот развој на вештачката интелигенција. Сепак, нивната продажба во Кина подлежи на одредени ограничувања.
Новото тело ќе го сочинуваат тројца членови на Управниот одбор на компанијата и ќе се состанува најмалку еднаш на три месеци. Во рамките на својата работа, која ќе опфаќа и унапредување на тимот задолжен за усогласеност со безбедносните и трговските прописи, одборот ќе соработува и со независни експерти.
Американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот вечерта оцени дека е добро што Енвидија формира вакво тело. Жената поврзана со извршниот директор на Енвидија е бизнисменка која раководела со компанијата „Мегаспид интернешнл“ (Megaspeed International) од Сингапур.
Компанијата се занимава со компјутерски услуги во облак, а постојат сомневања дека ги пренасочувала чиповите на Енвидија кон Кина, прекршувајќи ги американските прописи за контрола на извозот.
