Американскиот носач на авиони „УСС Теодор Рузвелт“ во неделата пристигнал во зоната на одговорност на Централната команда на американската војска (ЦЕНТКОМ), соопшти израелскиот новинар Барак Равид, повикувајќи се на американски функционер.
„Американскиот носач на авиони УСС Рузвелт пристигна во неделата во зоната на одговорност на Централната команда на американската војска (ЦЕНТКОМ), ми рече американски функционер“, напиша Равид на социјалната мрежа Икс.
„Американската војска сега има три ударни групи носачи на авиони во зоната на одговорност на ЦЕНТКОМ“, се наведува во објавата.
ЦЕНТКОМ на Икс објави и фотографија од носачот на авиони „УСС Теодор Рузвелт“ (ЦВН 71), со информација дека на 15 ноември пловел во Индискиот Океан. Според командата, носачот моментално дејствува во нејзината зона на одговорност, во рамки на однапред планирано распоредување.
Ова се случува во време кога продолжува војната меѓу САД и Иран, повеќе од осум месеци по нејзиниот почеток. Претходно годинава во регионот веќе биле распоредени три носачи на авиони, што ЦЕНТКОМ го објави во април.
Иран не дозволува инспекции на нуклеарните постројки
Во меѓувреме, заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Казем Гарибабади, изјавил дека земјата нема да ѝ дозволи на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) пристап до своите нуклеарни постројки сè додека не заврши војната.
„Нема да ѝ дозволиме на МААЕ пристап до постројките додека не се исполнат иранските услови и додека војната трајно не заврши“, изјавил тој, пренесува Франс прес.
„Нашата актуелна политика кон Агенцијата е дека, сè додека ситуацијата не се разреши, додека војната официјално и трајно не заврши, додека не се постигне дипломатски договор и додека САД не ги воспостават своите односи, не можеме да ѝ овозможиме пристап на Агенцијата“, рекол Гарибабади.
(Извор: „Фокс њуз“)
