Зимска опрема: што мора да имате во автомобилот оваа зима

Од 15 ноември до 15 март зимската опрема во возилата е законска обврска. Сепак, вистинската подготовка за зимата започнува многу пред првиот снег и не завршува со замената на гумите. Еве што треба да имате во автомобилот и во домот, но и што можете да направите за луѓето околу вас

Од 15 ноември до 15 март во Македонија е задолжително поседувањето зимска опрема во возилата, без оглед на временските услови. За патничките возила со маса до 3.500 килограми тоа значи зимски гуми на сите четири тркала, со длабочина на шарата од најмалку 4 милиметри. Како алтернатива се дозволени летни гуми со длабочина на шарата од најмалку 4 милиметри, но во возилото мора да има синџири за снег со соодветна големина за погонските тркала. За возилата со погон на сите четири тркала важат посебни услови за длабочината на шарата.

Покрај законски задолжителната опрема, резервно тркало или соодветен сет за поправка, прибор за прва помош, предупредувачки триаголник, светлоодбивен елек и друга пропишана опрема – пред зимските патувања проверете ги и акумулаторот, антифризот и течноста за миење на шофершајбната.

Ако патувате на подолга релација или низ планински предели, во багажникот дополнително понесете:

  • стругалка за мраз и мала лопатка;
  • ракавици и топло ќебе;
  • рачна ламба;
  • кабли за стартување на автомобилот;
  • наполнет надворешен полнач за телефон;
  • вода и храна што не се расипува лесно.

Пред тргнување проверете ја состојбата на патиштата и временската прогноза, а резервоарот за гориво нека биде доволно наполнет. Во зимски услови не тргнувајте на пат без соодветни гуми и синџири.


Дома обезбедете резервна вода и храна за неколку дена, батериска ламба, резервни батерии и лековите што редовно ги користите. Пред грејната сезона проверете ги печката и оџакот, а ако користите грејни тела на гориво, размислете за поставување детектор за јаглерод моноксид. Изолирајте ги цевките изложени на ниски температури за да спречите замрзнување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс