Американската влада тврди дека нема хакерски напад, но граѓаните веќе не ѝ веруваат

Падови на големи дигитални системи, откажани илјадници летови и проблеми во банките и државните институции предизвикаа сомнежи за координирани кибернапади. Владата тврди дека станува збор за технички дефекти, но годините политички манипулации го поткопаа јавниот доверба.

Во четвртокот падна „Мајкрософт 365“, оставајќи стотици милиони луѓе без електронска пошта и други дигитални алатки. Во петокот, и тоа токму на 13-ти, Федералната управа за воздухопловство на САД го запре воздушниот сообраќај низ целата земја, а беа откажани повеќе од 12.000 летови. Проблеми имаше и со „Воркдеј“, систем за управување со човечки ресурси.

Во понеделникот беа блокирани трансакции во банката „Чејс“, како и алатките што „Јунајтед ерлајнс“ ги користи за комуникација со пилотите. Во вторникот падна внатрешната мрежа на американската Агенција за национална безбедност, а проблеми имаше и „Епл“.

Сите компании и институции повторуваа иста порака: не станува збор за хакерски напад. Како причини беа наведени надградби, безбедносни закрпи, софтверски грешки или, како што изјави министерот за транспорт Шон Дафи, изведувач кој „не ја завршил работата како што треба“.

Дефект, а не напад

Објаснувањето е логично: виновен е кодот, а не хакерите. Алатките за вештачка интелигенција, од „Митос“ на „Антропик“ до моделите на „Опен АИ“, откриваат безбедносни пропусти побрзо од кога било досега. Во октомври „Мајкрософт“ поправил околу 1.400 безбедносни пропусти во еден месечен пакет закрпи, додека една година претходно бројката изнесувала околу 170.

Секоја закрпа значи промена во кодот, а секоја промена може да предизвика проблем што никој не го предвидел. Затоа експертите советуваат при секој прекин на системите најнапред да се претпостави технички дефект, а не хакерски напад.

Сепак, социјалните мрежи со денови беа преплавени со уверувања дека нешто се крие од јавноста. Лесно е ваквите реакции да се отпишат како паника на луѓе кои не ја разбираат технологијата. Потешко е да се признае дека недовербата барем делумно е заслужена – и тоа од оние што сега најгласно се обидуваат да ја смират.

Кој ја потроши довербата?

Политиката со години ја трошеше истата доверба што денес се обидува да ја врати. Токму на денот кога беа запрени летовите, ФБИ издаде предупредување за хакерската алатка „Артекс“, па неколку дена подоцна мораше да објаснува дека временското совпаѓање било случајно.

Истата администрација со години им говореше на гласачите дека ФБИ е дел од „длабоката држава“ што работи против нив. Доналд Трамп ги прогласи изборите во 2020 година за украдени, иако судовите ги отфрлија таквите тврдења, а неговиот министер за правда Вилијам Бар јавно изјави дека нема докази за изборна измама од такви размери.

Кога пет години ги убедувате луѓето дека не треба да им веруваат на институциите, не можете да очекувате дека одеднаш ќе ви поверуваат кога истите тие институции ќе соопштат дека сè е во ред.

Ова не е само американска приказна. Секој што ја следи светската политика, а особено политиката во овој дел од Европа, знае колку брзо се посегнува по обвинувањата за „странски платеници“ и „режирани“ протести кога некому тоа му одговара.

Вистината е здодевна

Кога власта лаже за избори, војна или пандемија, граѓаните не водат посебна евиденција во која техничките соопштенија се изземени од сомнеж. Тие претпоставуваат дека и во нив има лага.

Дополнително, вистината во овој случај е здодевна: неисправна безбедносна закрпа, софтверска грешка во банкарски систем или застарени системи на Федералната управа за воздухопловство, кои со години се ветува дека ќе бидат заменети. Теоријата на заговор е многу поинтересна. А со години таа беше претставувана и како легитимен начин на размислување, дури и од официјални политички претставници.


Нападите врз критичната инфраструктура не се измислица. Оваа година американските системи за водоснабдување беа мета на напади поврзани со Иран. Кога навистина ќе се случи голем напад, а експертите предупредуваат дека тоа е можно, владата што веќе го потрошила својот кредибилитет ќе се соочи со истиот проблем како денес, само во обратна насока. Некој ќе предупредува дека станува збор за напад, но повторно никој нема да му верува.

е-Трн да боцка во твојот инбокс