„Црн петок“ на македонски начин: Стари цени преправени во големи попусти

Анализа на податоците од домашниот скенер на цени MojPik покажува дека голем дел од рекламираните попусти за „Црн петок“ не се реални.

Македонските потрошувачи пред Црн петок се соочуваат со стара маркетинг-тактика на прецртани бројки без реално поевтинување. Податоците од домашниот агрегатор за следење на пазарот MojPik, ажурирани на 19 ноември 2026 година, покажуваат дека кај 68 следени модели од бела техника, телевизори и мали домашни апарати, актуелната цена е иста или дури повисока од најниската цена забележана во последните 30 дена.

Автоматскиот систем за споредба на цени на платформата MojPik, кој неколку пати дневно ги чита малопродажните износи без клуб-картички и купони, покажува дека пред официјалниот старт на ноемвриските акции ниту еден модел од потрошувачките водичи не е намален за најмалку 10 проценти под најниската цена во изминатите 30 дена. Дури 68 уреди се наоѓаат во групата каде што денешниот износ е идентичен со минималниот износ од изминатиот месец или е повисок од него, додека за 16 модели нема доволно ценовна историја бидејќи се следат помалку од 14 дена.

Овој увид доаѓа во период кога онлајн продавниците и ланците за техника истакнуваат визуелно прецртани суми кои сугерираат заштеди од неколку илјади денари. Во реалноста, прецртаните бројки ги отсликуваат почетните или старите износи, а не вистинско спуштање на цената во однос на октомври и почетокот на ноември 2026 година.

Категоријата на телевизори со дијагонала од 55 инчи јасно ја илустрира разликата меѓу маркетинг-пораката и ценовната историја. Постои телевизор кој за „Црн петок“ е огласен е по цена од 21.990 денари со прецртана стара сума од 32.990 денари, што создава впечаток за попуст од 11.000 денари, но најниската цена во последните 30 дена изнесувала токму 21.990 денари. Друг телевизор се продава за 20.990 денари со прецртани 27.990 денари (привидна разлика од 7.000 денари), а 20.990 денари е и неговиот 30-дневен минимум.

Слична состојба покажува и проверката кај малите апарати за домаќинство, фритезите на воздух и пречистувачите на воздух, каде што сезонската побарувачка во ноември е најголема. Одредени модели се продаваат со попусти од речиси 50%, иако ценовната историја покажува дека цената која сега се прикажува како акциска е исто најниската цена во изминатите 30 денови.

Кај неколку уреди евидентираната цена е дури и повисока од најниската сума во изминатиот месец. Одвлажнувач на воздух се продава за акциска цена од 14.990 денари иако во последните 30 дена чинел 13.990 денари, машина за сушење има акциска цена од 19.999 денари наспроти 30-дневен минимум од 18.499 денари.

Референтната цена што ја користи системот на MojPik се темели на стандардот на Европската унија за објавување попусти, според кој трговците се должни како претходна цена да ја наведат најниската сума по која производот се продавал во последните 30 дена пред примената на намалувањето. Целта на оваа регулатива е да се оневозможи вештачкото подигнување на цените пред празничните акции или истакнувањето на одамна напуштени почетни цени како актуелен попуст.


Во објаснувањето на податоците се наведува и методолошка напомена дека автоматскиот скенер на цени не работел во периодот од 11 до 17 ноември 2026 година, па доколку некој уред во тие седум дена имал уште пониска цена, реалната разлика во однос на актуелните понуди е уште понеповолна за купувачите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс