Пирс Броснан до Роберт Патисон: Уживај

Поранешниот агент 007 го поздрави изборот на новиот носител на франшизата, додека 26-тото филмско продолжение се очекува во втората половина од 2028 година.

Актерот Пирс Броснан му посака добредојде на Роберт Патинсон во светот на Џејмс Бонд, откако британскиот актер беше официјално претставен како седмиот актер кој ќе го глуми тајниот агент 007. Преку објава на Инстаграм, Броснан му порача на својот помлад колега дека ќе биде величествен во улогата и го советуваше да ужива во целото искуство.

Пирс Броснан, кој го глумеше Џејмс Бонд во четири филмови почнувајќи со „Златното око“ (GoldenEye) во 1995 година, му се обрати на Патинсон со лична порака на социјалните мрежи. Двајцата актери претходно соработуваа заедно во романтичната драма „Запомни ме“ (Remember Me) од 2010 година.

„Драг Роберт, добредојде во светот на Бонд. Ќе бидеш величествен. Имам убави спомени од нашето заедничко време додека го снимавме ‘Запомни ме’. Беше задоволство да се гледа како создаваш извонреден опус и одиш од успех во успех. Уживај во патувањето“, напиша Броснан, завршувајќи ја пораката со ирскиот израз „Grá mor“ (голема љубов).

Кон честитките претходно се приклучи и 87-годишниот Џорџ Лејзенби, најстариот жив актер кој го играл тајниот агент. Лејзенби се појави во улогата само еднаш, во филмот „Во тајната служба на Нејзиното Височество“ (On Her Majesty’s Secret Service) од 1969 година, а преку видеопорака на Инстаграм го поздрави Патинсон со зборовите да не заборави да се забавува за време на снимањето.

Патинсон ја доби улогата во конкуренција на актери како Џек Лоуден, Џош О’Конор, Калум Тарнер и Николас Холт, при што самиот Броснан претходно јавно го поддржуваше Тарнер. Со ова именување, Патинсон влезе во тесниот круг на актери кои го играле ликот на големото платно, покрај Шон Конери, Џорџ Лејзенби, Роџер Мур, Тимоти Далтон, Пирс Броснан и Даниел Крег.

Дваесет и шестиот филм за Џејмс Бонд веќе е во фаза на развој, со Дени Вилнев како режисер и Стивен Најт како сценарист. Продукцијата се очекува да започне следната година, откако Патинсон ќе ги заврши обврските околу снимањето на продолжението „Бетмен: Втор дел“ (The Batman Part II).


Снимањето на вториот дел од „Бетмен“ беше привремено паузирано поради лични причини на режисерот Мет Ривс, а Стивен Содерберг се вклучи во проектот за да помогне во реализацијата на последните недели од продукцијата. Поради овој распоред, публиката ќе може да ја види новата авантура на Џејмс Бонд најрано во втората половина од 2028 година. Тоа значи дека ќе поминат седум години од прошталниот филм на Даниел Крег, „Нема време за умирање“ (No Time To Die), што претставува најдолга пауза меѓу две продолженија по периодот меѓу „Дозвола за убиство“ од 1989 и „Златното око“ од 1995 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс