Орхидеите тешко ја поднесуваат грејната сезона: Како да ги сочувате за напролет повторно да цветаат

Сувиот воздух од радијаторите, прекумерното полевање и студеното прозорско стакло можат да ги оштетат орхидеите во зима. Со неколку едноставни промени во негата, растението може да ја дочека пролетта здраво и подготвено за ново цветање.

Купувате прекрасна орхидеја, уживате во нејзините цветови, а штом ќе почне грејната сезона, листовите почнуваат да венеат. Многумина тогаш помислуваат дека на растението му дошол крајот и се подготвуваат да го фрлат. Но, не брзајте! Една погрешна навика може сериозно да ги оштети орхидеите, а многумина ја повторуваат во текот на целата зима, мислејќи дека така им помагаат.

Промената на местото, внимателното полевање и соодветната температура можат да направат голема разлика. Еве на што треба да внимавате за орхидеите да ја поминат зимата во добра состојба.

Каде да ги чувате орхидеите кога ќе почне грејната сезона?

Еден од најголемите проблеми се радијаторите поставени под прозорците. Ако саксијата стои на прозорската даска, растението истовремено е изложено на топол и сув воздух одоздола и на студено стакло од страна. Коренот се загрева, додека листовите се изложени на студ. Таквите температурни разлики не му одговараат на фаленопсисот, една од најчестите собни орхидеи.

Затоа, преместете ја саксијата најмалку 50 сантиметри подалеку од радијаторот, на маса или полица покрај истиот прозорец. Така растението ќе продолжи да добива доволно светлина, без да биде изложено на директната топлина од греењето. Ако немате друго место, можете да поставите дрвена даска или подебела подлога меѓу радијаторот и прозорската даска, за да го пренасочите топлиот воздух кон просторијата, наместо директно кон саксијата.

Колку често треба да ги полевате орхидеите во зима?

Втора честа грешка е прекумерното полевање. Во зима орхидеите обично растат побавно и имаат помала потреба од вода отколку во летните месеци. Ако коренот постојано е влажен, особено во постудена средина, постои ризик да почне да гние. Проблемот не е само сувиот воздух во просторијата, туку и коренот што не добива можност да се исуши меѓу две полевања.

Еден од начините да проверите дали на орхидејата ѝ е потребна вода е да го погледнете коренот низ проѕирната саксија. Зелените корени покажуваат дека има доволно влага, додека сребреносивата боја е знак дека е време за полевање. Вообичаено, во зима тоа може да биде на секои 10 до 14 дена, но зачестеноста зависи од температурата, влажноста и условите во просторијата.

Саксијата може да ја потопите во млака вода околу 10 минути, а потоа да ја оставите целосно да се исцеди. Не оставајте вода во украсната подлошка или садот под саксијата, бидејќи постојаната влага може да доведе до гниење на коренот.

Што им е потребно на орхидеите за повторно да процветаат напролет?

На орхидеите им одговара умерена разлика меѓу дневната и ноќната температура. Кај фаленопсисот, малку посвежите ноќи во однос на денот можат да помогнат во поттикнувањето на ново цветно стебло. Ако во просторијата постојано е топло, растението може да продолжи да развива зелени листови, но поретко да формира нови цветови.

Затоа, во текот на ноември и декември можете да го преместите растението во посвежа просторија, каде што ноќната температура е околу 16 до 18 степени. Важно е да не биде изложено на студен провев или нагли температурни промени. По неколку недели, во зависност од условите и состојбата на растението, може да се појави ново цветно стебло со пупки. Тоа е знак дека орхидејата се подготвува за следното цветање.

Внимавајте листовите да не го допираат студеното стакло

Во текот на зимата прозорските стакла често се студени, а наутро може да се појави и кондензација. Ако листовите на орхидејата постојано го допираат студеното и влажно стакло, може да се појават кафеави дамки и оштетувања. Поставете ја саксијата така што ниту еден лист нема да го допира прозорецот. Исто така, отстранете ги капките вода од прозорската даска, особено пред растението да биде изложено на сончева светлина.


Со прихранувањето не треба да се претерува во зима. Ѓубривото може да почека до март, кога растението ќе почне поактивно да расте. Кога ќе забележите нов лист или цветно стебло, можете повторно да почнете со прихрана, но со половина од препорачаната концентрација наведена на пакувањето. Со соодветна светлина, умерено полевање и заштита од температурни екстреми, орхидеите имаат поголеми шанси здрави да ја дочекаат пролетта и повторно да ве израдуваат со цветови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс